Колумна на Тарик Асанов, дипломиран економист, на тема Ello, новата социјална мрежа, која како своја главна предност го истакнува “заветот“ дека нема да пласира реклами пред своите “жители“.
Слушнал некој за Ello, новата социјална мрежа која има амбиција да ја собори од тронот веќе со години неприкосновената Facebook? Не?! Претпоставував дека не.
Ello е нова социјална мрежа која се базира врз тотално нов пристап и на своите корисници им нуди место каде ќе може да се социјализираат и виртуелно дружат без притоа да ги гледаат сите тие досадни реклами кои досега ги гледале, воглавно против своја волја. Ова не е прва социјална мрежа која најавува дека ќе го превземе тронот на кој веќе неколку години е удобно сместен задникот на Марк Зукемберг, но дефинитивно е прва која го користи овој (бесплатен) пристап. А досегашново мое животно искуство многу пати ми има практично покажано дека на овој свет никој не дава нешто бесплатно никому. Секое добро, секоја услуга, секој производ кој ќе го добиеме од некој без да ја платиме цената во пари, порано или подоцна истото ни се наплаќа на некој друг начин, вообичаено далеку поскап отколку цената што си можел да ја платиш во пари. Така да, право да Ви кажам, овде нешто ми мириса. И за жал не мириса убаво.
Се сеќавате како започна Facebook?
-Бесплатно е. Дојди. (фиу) Тебе ти зборам. Приближи се бе, не се плаши. Едноставно е, приклучи се. Напрај акаунт, ајде. Сите се овде.
–И дедо е таму?
–И дедо ти е тука.
–Ама дедо е мртов..
–А ти шо мислеше, кај одат луѓето по смртта? На фб, разбира се. Сите и се, порано или подоцна завршува тука. Само ти не си..
И така беше со години. И се навлекоа луѓето. Ги заборавија СМС пораките, ги заборавија сопствените и туѓите гласови и вкочанетоста во зглобовите по 3 часовен телефонски маратон. Ги заборавија честитките за Нова Година, за Божиќ. Ги заборавија датумите на кои се родени нивните најблиски и најсакани. Заборавија што значи да излезеш и да се начукаш, да се направиш магаре и да не те боли к..р дали некој сеирџија нема баш во тој момент да се најде во твоја близина и да го сподели инстантно твоето опуштено глупирање со илјадници други online Facebook консументи. Заборавија се. Па зошто да се мачат да памтат кога тука е ФБ да памти наместо нив и да ги потсети кога ќе дојде време? Единствено што треба да запамтиш е пасвордот и фактот дека не треба никому ама баш никому да го даваш, небитно колку љубов чувствуваш спрема особата во моментот.. дури и ако некогаш почувствуваш некој скоро несопирлив нагон, стрпи се. За неколку недели ќе ти помине и на крајот ќе сфатиш дека единствен човек кој го сакаш вистински на светот е човекот кој го гледаш секое утро во огледалото од бањата.
Се започна бесплатно. Обичните корисници беа задоволни. Оние кои се рекламираа и се обидуваа да продадат нешто беа презадоволни. ФБ-кампањите беа повеќе од успешни и голем број од фирмите треба да бидат крајно благодарни на оваа социјална мрежа бидејќи од непознати станаа брендови во скратена постапка. Но дојде ден кога Марк и екипата решија дека е време да наплатат за се што досега работеа скоро бесплатно. Facebook излезе на берзата и како растеше бројот на пласирани акции и бројот на акционери, така растеше и лакомоста. До овој момент дојде лани: тимот на ФБ имаа 2 избора:
1) да удрат по грбот на обичните корисници, или
2) да ги исушат сопствениците на бизниси кои зависат од комуникацијата со своите потрошувачи и рекламирањето преку ФБ.
Како што веќе знаете, ја избраа втората опција. Reach-от на оние страници кои не плаќаат за рекламирање беше постепено намалуван, за да дојде близу нулата. Туку доста јадам корнфлекс за FB, сега му е ред на Ello-то.
Според интервјуто на еден од основачите, Ello дефинитивно нема да биде преполнета со досадни реклами но нема да биде баш бесплатна социјална мрежа. (Знаев дека нешто смрди а дека не се нозеве!) Колку што можев да разберам, основачот спомнува дека секој од корисниците ќе плаќа некоја незначителна сума на пари за да му бидат достапни на располагање сите кориснички опции. Колку ќе биде таа “незначителна сума” никој не знае да каже.. или едноставно знае али не сака да каже.
Мое мислење (кое е крајно субјективно и базирано врз лични искуства и онаа Милтоновата “There is no such a thing as a free lunch.”) е дека дури и доколку Ello е бесплатна на почетокот, во иднина, со растењето на бројот на корисниците ќе почне да наплаќа некој вид членарина за да го обезбеди своето функционирање (и се разбира да се оствари некој профит). Доколку оваа опција отпадне, тогаш дефинитивно постепено и скоро незабележително ќе почнат да се вметнуваат реклами со што Ello нема по ништо да се разликува од останатите социјални мрежи и истата ќе стане се она што тврдела дека нема никогаш да биде.
P.S. Како и да е, ова е само мое мислење. И однапред да си кажам, пред некој да му текне да ме замоли да се приклучам на Ello мојот конечен одговор е –Не, благодарам.