Автор: Тодор Стојчевски, ко-сопственик на Агенцијата Чептер 4 Македонија
Стотина стратегии за комуникација, неколку видео реклами, педесетина конференции за печат, дузина клиенти, многу напишани говори, соопштенија за јавност, сценарија, десетина успешни кампањи, многу успешни обиди за промена на имиџ, промена на вработени, селидби на канцелариски простори, рефреширање на брендот, илјади изминати километри, многу состаноци и успешни средби, пратени или добиени фактури, реализирани плаќања или нереализирани „молења“ да се подмират фактурите… Вака некако може да се сублимира декадата „живот“ на Чептер 4 во македонското опкружување. Нешто помалку или уште нешто повеќе….
Се почнува спонтано, во еден миг и со огромна храброст. Така стартуваше и Чептер 4 Македонија. Драг пријател, бизнисмен и мој соработник, ме покани на кафе разговор. Јас се уште „пливав“ во новинарските води. Ми рече имам сериозен предизвик за кој вреди да се „жртвуваме“. Ќе донесам еден европски бренд на Агенција за односи со јавност и сакам заедно да го разработиме. Во миг од секундата го прифатив предизвикот, иако бев и се уште сум вљубен во новинарството. Но, нови предизвици, нова професија, нови храбри исчекори, нешто ново…. И така, веќе десет години.
Агенцијата функционира со слоганот „Ви помагаме да пораснете“. Затоа што, без разлика колку и да сте големи како поединец, компанија, институција… секако, постои простор уште повеќе да пораснете. Да бидете помудри во пристапот кон Вашите клиенти, да бидете поинвентивни во пласманот на Вашите информации до таргет јавностите, да бидете попрофесионални во Вашето обраќање кон соработниците. Секогаш постои простор да го подобрите Вашиот визуелен идентитет, да ги „бустирате“ Вашата визија и мисија, да ги дисеминирате Вашите пораки. Секогаш постои простор за раст. И така, во даден миг, да констатирате дека веќе минала една декада од Вашиот заеднички раст.
Ние се грижиме и сакаме нашите клиенти да бидат уште подобри од тоа што се. Заедно со нашиот тим домашни и меѓународни професионалци, се трудиме да дефинираме подобар квалитет кој го заслужуваат нашите клиенти. Затоа што нашата професија е додадена вредност на основната срж на функционирање на секој наш клиент, нели!?
Нашето „оружје“ е убавиот пишан или изговорен збор. Се се сублимира во едноставноста на кажаното. Во тоа да создадете вредност од низа зборови кои ќе отворат нови хоризонти кај клиентите, ќе создадат нови перспективи кај јавноста, ќе направат спој на возможното.
Секако, наши верни соработници во оваа мисија на создавање вредност и квалитет со убавиот збор се новинарите. Иако две различни професии, сепак се испреплетуваат во суштината на создавањето. Двете професии (треба да) пласираат вистинити, точни, информации. Двете професии го бараат вниманието на јавноста. Двете професии, со моќта на зборот, настојуваат да ги истакнат „квалитетите на соговорниците. И двете професии нужно соработуваат во интерес на своите клиенти“. Чептер 4 Македонија има одлични релации со новинарите.
Соработуваме и со познатите личности (инфлуенсерите). Како моќни амбасадори кај новите генерации, преку комуникација, ги пренесуваат вредностите на нашите клиенти. Тие се умешни во „пакување“ на зборот со визуелни аудио и видео содржини. Со моќта на пишаното или изговореното, успеваат да го привлечат вниманието на младите. Да го навестат новото во промените кај медиумите. Да ги постават контурите на идното комуницирање еден на еден. Да ја зголемат важноста на секој конзумент на информациите.
За сето ова да се проткајува во животот на една Агенција, секако, неопходно е да постои тим професионалци. Сите тие, со иста мисија и визија, да ги вмешаат своите знаења и вештини во интерес на клиентите за кои работат. Секој со својот сегмент на знаење и умеење да даде најдобар придонес за да се создаде најквалитетно дело. Затоа што Клиентот заслужува. Без тим кој ја знае својата работа, нема да постои ниту Агенција која функционира. Нашата моќ е во професионализмот.
Секако, комуникацијата на професионално ниво учи на подобро. Растевме и ние. Научивме дека сите клиенти се различни и заслужуваат посебно и квалитетно внимание. Научивме дека не постојат дадени „инстант“ рецепти во односите со јавноста. Научивме дека мора да се вложува во тимот, во соработниците, во подмладокот, во иднината. Научивме дека меѓународната експертиза е многу корисна при справување со локалните предизвици. Научивме дека вредноста на кажаното не се менува доколку се смени каналот преку кој се пренесува изреченото. Научивме дека постојано треба да се учи, надградува, креира, иновира. Научивме дека за да растеш треба да се движиш и да се менуваш. Научивме дека вреди да се бориме.
Има уште многу да се набројува. Мозаикот на активни промени во живеењето на една Агенција е составен од многу „микрони“ активности. Од многу анализи, одржани состаноци, пишани зборови, изговорени реченици, снимен материјал. Уште повеќе дефинирани сценарија, пропаднати или успешни проекти, реализирани кампањи. Главен двигател на промените е комуникацијата. Онаа разбирливата, ефективната, успешната. Онаа која на крајот ќе доведе до повисоко. Онаа која ќе Ве натера да пораснете. Токму како што ние растеме веќе една декада. И ќе продолжиме со растот, заедно со промените…
Честит јубилеј, Чептер 4 Македонија.
Честита една декада раст…