Колумна на Владимир Димовски, извршен директор на McCann Скопје, првично објавена во регионалниот маркетинг магазин Медиа-Маркетинг
Во пресрет на Викенд Медиа Фестивалот во Ровињ, на кој настапувам во панелот ‘‘Поглед преко плота‘‘, пријателот Екрем ме покани да напишам краток текст за приликите во адвертајзинг бизнисот во мојата земја. Во Македонија. Се трудев да бидам колку што е можно позитивен, истовремено да бидам реален и објективно да ги пренесам состојбите од Македонија.
Ќе почнам вака. Денес, имам 39 години и ги водам агенциите Меккен Скопје и Универзал Медиа. Навраќајќи се во детството, се сеќавам дека мајка ми секое утро одеше до блиската продавница. Леб и свежо млеко во пласична кеса од 1л беа задолжителен дел од кошничката. Во тоа време никаде не можеше да се купат Киндер јајца, а немаше ни чоколади со бисквити, паштета од туна, чипс со вкус на ѕацики и уште многу други работи. Имаше бел и полубел леб, и за тоа време нов, многу популарен леб кој го нарекувавме “Лепа Брена”. Ја потсетував да купи јогурт, немаше потреба да нагласувам кој. Беше само еден.
Денес, 30-тина години подоцна, јас сум татко на Нина и Ема. Нина “се дави”во функционален јогурт без лактоза со минимум протеини, а Ема јаде само пченичен тост леб ‘‘Бриош‘‘ со вкус на путер.
Зошто го пишувам сето ова ? За да се убедам себе и другите кои се со мене во огласувачкиот бизнис, дека пред нас се само подобри времиња.
Ако порано “брендот” беше леб, млеко, јогурт, сок, чоколадо, денес потрошувачот бара многу повеќе од тоа. Бара производ направен специјално за него, производ што ќе го погоди неговиот вкус, бара бренд приказни од кои и тој е дел, бара брендови во кои може да се вљуби. Токму тоа е она што не тера секое утро да тргнеме на работа (во 10 изутрина :) ).
Каква е состојбата на нашата индустрија во Македонија?
Би погледнал прво на добрата страна на нашата приказна. Македонија помина навистина многу во изминатите 10-тина години. На нашите регионални состаноци, чувствувам дека Македонија оди напред. Имаме позитивни примери, можеби сеуште скромни, но доволни за да се забележи позитивен тренд.
Бизнисот кај нас најмалку беше погоден после 2008 година. Во околните земји падот во огласувањето беше дури и една третина од бизнисот, но во Македонија не го почуствувавме или можеби не беше толку изразен. Минатата година успешно се заврши процесот на дигитализација. Пред неколку години бевме изложени на предизвик кога во еден ден престана да работи најголемата телевизија и уште неколку дневни весници. Тоа беше прв таков случај во светот, баравме искуства од целиот свет но такви не постоеа. Сепак, успеавме брзо да се прилагодиме на новонастанатата ситуација и го надминавме предизвикот.
Во 2007 год. се воведе моделот на peoplemetar за мерење гледаноста на ТВ, а веднаш потоа телевизиите започнаа и со CPP моделот за продавање на своето време. Имаме сериозен издавач на дневни весници. Можеби поединци и нема да се сложат со оваа констатација, но ние во Македонија одиме напред.
Од друга страна, македонската економија е сеуште кревка. Растот на ГДП не е на нивото кое ќе не направи да бидеме сигурни дека сме во чекор со “подобрите”. Не постои свесност (со чест на исклучоците) кај Македонските компании дека треба да се инвестира во создавање брендови и огласување домашни производи. Кога би се направила подобра анализа, сигурен сум дека би дошле до разочарувачка статистика дека огромен дел од инвестициите во целиот бизнис доаѓаат од интернационални компании или домашни компании со странски сопственици.
Во медиумскиот дел пак, не постојат официјални бројки поради тоа што не постои здружение. Неофицијално, инвестирани се околу 35 милиони евра или отприлика околу 17 евра инвестиции по жител. Она што можеби е поинтересно да се прашаме е: каде е нашиот медиумски пазар во споредба со останатите пазари во регионот. Во ТВ бизнисот сликата е ваква:имаме 7 национални ТВ станици кои сите заедно делат околу 20 милиони евра од огласување или по помалку од 3 милиони евра понационална ТВ станица. Податоците добиени од околните пазари ни покажуваат дека на медиумскиот пазар во Србија се инвестираат исто така 17 евра по жител, во Хрватска околу 40, додека во Словенија дури и после големиот пад во бизнисот се инвестираат речиси 50 евра по жител. Ако се знае дека просекот во светот е околу 60 евра, верувам дека има простор за оптимизам.
Во Македонија постојат повеќе од 100 регистрирани маркетинг агенции. Ќе останат оние кои ќе инвестираат во вработените, нивното знаење и алатки. Ни претстои специјализација според услугите кои ги нудиме на клиентите, без разлика дали зборуваме за медиуми, односи со јавност и сл.
Затоа на сите овие факти, броеви и тези гледам само со оптимизам.
Вечната Хамлетова дилема“Да се биде или не?”останува, но сигурен сум во следново:
со средување на економските прилики кои несомнено ќе се случат и тоа во сите земји во регионот, условите за работа во овој бизнис ќе бидат многу подобри.
Сигурен сум дека претстојат години кога погледот преку плотот ќе види задоволни клиенти, побогати агенции, супер инспирирани вработени во нив, многу млади креативци заљубени во својата работа. Сигурен сум дека од нашите земји ќе излезат многу светски познати кампањи и дека генерациите на нас ќе гледаат како луѓе во чие време најмногу се разгоре креативноста на овие простори.