Еден човек, сосема непознат, случајно, или можеби познаник, пријател, еден другар или колега кој знае, не знаејќи дека дишам маркетинг, ме повика, креативецу дојди, ти ни требаш!
„Ве слушам, имате многу што да кажете, па вие сте уште тука и можете уште повеќе. Само треба да ги потсетите“.
Каков ветар. Од човекот сега, исто како и од Деле тогаш. Еден Деле човек непознат, а случајно познаник, пријател, другар во едно друго време во почетокот на деведесетите од минатиот век. (леле, па тоа беше многу одамна, а сеуште е толку силно). Ме повика, ме извади од столче на работа и ме фрли во вода. Ај, пливај да те видам ако знаеш де.
-Дојди кај нас во телевизија, се формира сектор за маркетинг ни требаат луѓе како тебе.
-Ама јас не знам ни М од маркетинг што ќе работам, како?
-Ти си маркетинг, го носиш, верувај во себе, а Лидија ќе те упати во се’ и Дани ќе биде таму.
И почнав. Почнав, жедна да пијам секој ден, да голтам од непресушниот извор, да дишам, да живеам -маркетинг. Па тоа сум јас!
Можно ли е и после толку време истото. Какво дежа ву. Каков ветар, доволно силен за нов почеток.
Ви недостигав нели? Знам. И вие мене. Многу.
Па десетина години хибернација не се малку, ама бродот остана сам на отворено море, а ветар никаде. Само магла. Густа магла.
На времето еден многу добар пријател, соработник од радио, пред скоро дваесетина и повеќе години во една прилика ми рече: „Како дува ветерот, така окречи го леџата“ (изворно). А јас мислев дека е доволно само со добар екипаж да пловиш со кренати едра, со полна енергија со многу идеи, со огромна желба да твориш, креативно да се натпреваруваш сам со себе, да се надминуваш во секој твој нов тв проект, да оставиш порака, силна порака, да оставиш трага.
Не ми беа важни рејтинзите, важно ми беше секој проект да види бело видело, а јас да се гордеам дека сме биле први со секое ново чедо. Да слушнеш како зборуваат на пазар, во продавница, во кафич, на дружба случајно, во автобус, на улица, сосем случајно, при прошетка во камп навечер да слушаш дека сите телевизори се вклучени и го гледаат твојот проект, твоето чедо. Е, тоа е рејтинг, тоа е мојата гордост, тоа е мојата сатисфакција.
Успеав, допревме до нив, ја пренесовме пораката, тоа е најважно.
А рејтинзите, па нека се тркаат телевизиите и агенциите за рејтинзите.
На почетокот во тоа време малку чудно парадоксално дури и смешно. И телевизиите и агенциите и клиентите бараа рејтинг на непочнат проект.
Агенцијата: – Не можеме да го вложиме буџетот на клиентот, не знаеме каков ќе биде рејтингот на проектот;
Домашните компании: – Буџетите веќе ни се испланирани, ќе планираме за следната сезона да ги видиме рејтинзите на проектот;
Телевизиите: – Не можеме да го земеме проектот не знаеме каков ќе биде рејтингот .
И како бе да твориш?! Како да продуцираш програма кога ветрот го нема? И со секој нов проект повторно почнуваш сам од почеток, да им докажеш и покажеш на сите, дека можеш и со врзани нозе да го играш „Елено моме“. Ама тогаш се тркавме сите, секој следен проект да е поуспешен од првиот.
Каков е рејтингот на проектите денес? Пипл метар?! Никој ништо не знае точно, само проценти, бројки. Гледачите гладни, жедни, нив не им е битен рејтингот на телевизијата ниту пак на агенцијата, тие само бараат, и уште поочајно рикаат за добар проект. А имаме кампања „Купувај домашно“, ама посигурно е купувај странско. Ради пипл метарот де! Па домашните компании збунети произведуваат дома, се рекламираат во странство. Има ли крај на овој магичен круг, секој чека од некој. Немојте. Тргнете ја маглата. Не чекајте да ви се донесе. Творете, дишете во светот на маркетингот и креативата, а ако не можете оставете го просторот за тој што може. Дајте ветар, па како Пегаз со раширени крила вивнете се до сонцето, а со секое слетување на копното, од секоја стапалка извор вода направете, непресушен извор за сите.
Ќе ве потсетам или ќе се потсетите самите, изберете.
Се’ почна далечната 1999….. Eј, како наслов на научно фантастичен филм.
Први во една идеа за хаотична тизер кампања за ребрендирање на лого на компанија и заокружен со спортски тв квиз з,ш со Жанко се поделија „СО ГОЛЕМОТО О – НАГРАДИ НАД 100“. Гледачите уживаа, клиентот презадоволен, продажбата зголемена за 30%, а телевизијата бркаше рејтинг, како што е ред, знаете онаа мојата, матичната кај што започна се’, каде проодев во светот на маркетингот, и која ми го покажа патот на креативноста во продуцирањето. Нов предизвик, океан недогледен, небо бескрајно, кој ме вика дојди, ти го можеш тоа, го носиш во тебе, можеш!
И почнавме да летаме ентузијастички, полни со ветар ги раширивме крилата како Пегаз. Успеавме. И со секое стапнување на земјата, нов извор, нов проект.
Почнавме да се сончаме со Угро во „5 ДО 12“ на песочна плажа, каде секој можеше со Дац да си „ЗЕМИ – НОСИ“ 1,5 литро пиво во пластика, и да ја запее „Дајте една народна“ онаа на Дарио. Па разсвеселени со Бејби, јас и ти се завртевме на „ВРТЕЛЕШКА“ во вода, и како „ТОРПЕДО“ од подморницата на Дејан, се вивнавме со Џамбаз до врвот на една „ПИРАМИДА“. Маја пак си беше „ОД СВОЈА СТРАНА“, а ние продолживме со Оли како „ОБИЧНИ ЛУЃЕ“ во „ГУРМАНСКИ ПРИКАЗНИ“, и со Горазд се разигравме како деца во „ГОЛЕМОТО МАЛО ШОУ“. Континуирано со Аце како на „МАГИЧНА СЦЕНА“, се роди прво во HD, а „ТРЕТО, ПА МАШКО“. И еден спроти друг со Димитар повторно сме во „АРЕНА“.
Драго ми е друштво, за едно убаво време, па дури и кога прстот не можев да си го видам пред очи од густата магла, па не можев да ве видам ни вас, а ниту вие мене. Ама ветрот пак е тука. Почекајте ќе видите. Нa вистинската фреквенција сте. Се гледаме.