Компанијата „Унилевер“, која е сопственик на брендовите како Dove и Rexona, објави дека повеќе нема да го користи зборот „нормално“ на пакувањето на нивните производи за убавина, во обид да биде поинклузивна.
Компанијата исто така нема да направи никакво ретуширање на телата и бојата на кожата на моделите на фотографиите и видеата кои што ги користи во рекламирањето.
Оваа одлука на компанијата е последица на резултатите од истражувањето спроведено на глобално ниво, во кое беа вклучени 10.000 испитаници. Во ова истражување, 50% од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат исклучени кога зборот „нормално“ се користи за опис на кожата или косата, а 70% од испитаниците рекле дека зборот „нормално“ во рекламирањето има негативно влијание врз купувањето.
Зборот ќе биде заменет со поспецифични термини, како што се „седа коса“ за шампони или „дополнителна хидратација“ за некои креми за кожа.
Оваа промена во пристапот за брендирање на Унилевер ќе биде завршена до март 2022 година и ќе вклучува повеќе од 100 брендови на Унилевер, кои ќе го отстранат зборот „нормално“ како термин што го опишува типот на кожата или текстурата на косата.
„Знаеме дека самото отстранување на зборот нема да го реши проблемот, но веруваме дека тоа е важен чекор кон посеопфатна дефиниција на убавината“, изјави за Ројтерс, Сани Џејн, претседател на одделот за убавина и лична нега на Унилевер.