Автор: Дејан Маџоски – Бизнис партнер за човечки ресурси (www.dejanmadjoski.com)
Компаниската култура е еден од клучните елементи за успехот на секоја компанија која задира во сите елементи од ефикасност и ефективност на работењето, нивото на соработка, меѓусебните односи на вработените итн. Добрата компаниска култура е особено битна за задржување на вработените, како и за привлекување на квалитетни кандидати за огласените работни места.
По својата наједноставна дефиниција, компаниската култура е начинот на кој ги правиме работите во компанијата. Тоа е збир на навики, вредностите кои ги делиме и живееме, визијата и мисијата, начинот на кој комуницираме и соработуваме, процесите и процедурите, нивото на бирократија, динамиката на спроведувањето на работите, поддршката на иновативноста и креативноста, грижата за луѓето итн. Како што ќе видите, културата е збир на многу нешта, голем дел од нив меѓусебно зависни и надополнувачки.
Како што може да видите, компаниската култура не се дефинира по тоа како меѓусебно се третираме или дали сме учтиви и културни едни кон други. Учтивото однесување и навиката да се употребуваат зборови и фрази како „те молам“ или „благодарам“ се добредојдени во секоја компаниска култура, но тие не се доволни и не се сè што е потребно за да се изгради одлична култура. Овие елементи се дел од културата, но сепак како што видовме погоре, се само еден мал дел од истата.
Силна, здрава и позитивна компаниска култура е предуслов за секоја успешна приказна. Секоја стратегија, мисија и визија, секоја цел, идеја, систем или процес мора да се вклопи во културата. Ако не се вклопува, тогаш, без никаково преувеличување, можеме слободно да кажеме дека е осуден на неуспех.
Покрај влијанието врз извршување на компаниската стратегија и поддршката која му ја дава на успехот, културата исто така влијае и на корпоративниот имиџ. Всушност, културата има големо влијание на тоа како на компанијата гледаат нејзините вработени, но и надворешната јавност вклучувајќи ги корисниците, кандидатите за работа и пошироката јавност.
Објаснувањето е едноставно. Културата, како збир на навики, вредности, начини на кои соработуваме и комуницираме, како и сите останати работи споменати погоре, влијае на начинот на кој вработените се чувствуваат на работа. Таа, на крајот, ја олеснува или отежнува работата на вработените. А токму тоа, како некој се чувствува во компанијата е една од клучните причини зошто некој ќе остане во компанијата или ќе реши да ја напушти. Покрај тоа што влијае на задржувањето на вработените, исто така влијае и на нивното расположение што потоа влијае на нивната мотивација и напорот кој што го вложуваат, т.е. со други зборови влијае на нивната посветеност. Во зависност од тоа каков тип на култура имаме, ова влијание може да биде позитивно или негативно.
Внатрешната слика креирана од корпоративната култура, потоа се пренесува и надвор од компанијата на низа начини (пренесен збор, корпоративна одговорност, интервјуа за работа, практикантство, маркетинг кампањи итн.) кои сите заедно го создаваат корпоративниот имиџ.
Земајќи во предвид дека компанискиот имиџ како врвен работодавач е централен дел на секоја програма за развој на брендот на работодавачот (employer branding program), компаниската култура игра важна улога во креирање на тој имиџ и промовирање на брендот. Во таа насока, како вашата компанија ќе ја гледаат од внатре и од надвор, меѓу другото, зависи и од компаниската култура и каква слика истата создава. Токму затоа, секоја програма за развој на брендот на работодавачот треба да ја има во предвид компаниската култура и да види како визијата за брендот се вклопува во културата. Дали културата ќе го поддржува брендот или ќе му штети на истиот? Дали „начинот на кој ги правиме работите“ во нашата компанија, одговара со сликата која сакаме да ја креираме за истата? Дали треба да направиме промени во културата, т.е. да ја редефинираме истата на начин што ќе креира една сеопфатна слика со брендот на работодавачот? Колку е голема разликата помеѓу културата и покакуваната слика? Дали можеме да ја премостиме таа разлика? Итн.
Сите овие прашања мора да бидат земени во предвид во подготовката на програма за развој на брендот на работодавачот. Одговорите на прашањата ќе ја постават основата за мерките и активностите што треба да бидат преземени во рамките на програмата со цел да го креирате посакуваниот бренд. И на крајот, истите ќе ви ја олеснат работата, ќе ви го покажат вистинскиот пат и ќе спречат разлики кои би можеле да доведат до неуспех.