Почитувањето на корисничката приватност е една од централните вредности кои технолошкиот гигант Apple ги промовира во последните неколку години, како што моќта на технолошките компании расте и корисниците стануваат сé посвесни за потенцијалните ризици од неовластеното собирање и злоупотреба на личните податоци.
Токму заштитата на личните податоци е фокусот на новата реклама на Apple насловена “Over Sharing” („Претерано споделување“), претставувајќи ни свет во кој луѓето неконтролирано споделуваат лични податоци во секојдневни ситуации: патник во автобус кој гласно зборува што пребарувал на интернет, колешки на работа кои гласно си го раскажуваат својот приватен разговор што би го оствариле преку апликација за пораки, луѓе кои гласно зборуваат колку е оддалечен нивниот дом или податоци за работењето на нивното срце, па дури и со мегафон ги откриваат своите банкарски податоци.
Во суштина, секоја од ситуациите се однесува на некоја услуга или апликација на Apple и нивниот паметен телефон iPhone, како што се Safari, Apple Maps, Apple Pay и iMessage. На крајот од рекламата се истакнува дека некои работи не треба да се споделуваат, а iPhone им помага на корисниците тоа да остане така.
Кампањата е лансирана во време кога главна тема во дигиталниот огласувачки свет се софтверските измени кои Apple ги воведува во однос на новиот оперативен систем iOS 14, кој повеќе нема да собира уникатни идентификувачки податоци за огласувачки цели без дозвола од корисниците. Неколку платформи за огласување, вклучувајќи го и Facebook, изразија негодување во однос на овие промени, по што Apple направи компромис – наместо оваа есен, новите правила ќе бидат задолжителни со стартот на 2021 година, давајќи им доволно време на огласувачите да се адаптираат кон нив.