Твитер објави неколку големи промени: можност за корисниците да им наплатуваат на своите следбеници за пристап до дополнителна содржина и можност за создавање и придружување кон групи според специфични интереси, слично како и на Фејсбук.
Новата опција Super Follows овозможува наплата за дополнителна содржина како што се бонус твитови, пристап до индивидуални групи, претплата на њуслетер или обезбедување на финансиска поддршка на корисникот. Твитер смета дека ова е добра можност за „обожавателите“ директно да ги поддржат нивните омилени креатори на содржини.
Алатките за директно плаќање за креаторите станаа сè попопуларни и поважни во последните неколку години. Така, Patreon е исклучително успешен, а другите платформи, вклучувајќи ги Facebook, YouTube и GitHub, исто така лансираа функции за директни плаќања на креаторите.
Корисниците на Твитер ќе можат да создаваат групи користејќи ја новата функција Communities. Ова ќе им овозможи да ги прегледуваат објавите кои се исклучиво фокусирани на одредена тематика. Групите би можеле да станат корисна алатка на Твитер за новите корисници, токму поради отворената природа на платформата.