Помина помалку од една недела откако Елон Маск ја презеде контролата врз Твитер, но веќе се случуваат брзи промени во компанијата, при што новиот сопственик го распушти одборот на директори и напиша отворено писмо со надеж дека ќе ги привлече огласувачите.
Сега, се појавија нови медиумски наводи дека верификуваните корисници на апликацијата (профили кои имаат сино штиклирано крукче до нивното име) наскоро би можеле да плаќаат месечна претплата од 19,99 американски долари за да ја задржат привилегијата.
Според некои, наводно внатрешни компаниски документи што се појавија во јавноста, се чини дека на постојните корисници може да им се отстрани посакуваниот син знак доколку не се согласат да ја платат претплатата во рок од 90 дена. Не е јасно дали верификуваните компании, брендови, институции и организации ќе подлежат на истата цена.
Дополнително, цената за актуелното премиум ниво со претплата на платформата, Twitter Blue, може да порасне од 4,99 долари на 19,99 долари месечно, истовремено вклучувајќи ја и функцијата за верификација.
Во моментов, Твитер дава верификација само на профили кои се сметаат за „автентични, значајни и активни“, иако тоа може да се промени откако на корисниците ќе им биде дозволено да платат за да бидат верификувани.
Дали претстојната функција ќе го отежне разликувањето на вистинските профили од ботови или ќе овозможи да се истакне поразновиден опсег на гласови и мислења на платформата? Останува да видиме.