Од нејзиното воведување пред четири години, европската Општа регулатива за заштита на податоците (GDPR) главно претставуваше најголем проблем за големите технолошки компании. Меѓутоа, сега станува сериозен проблем за сите европски корисници на американски клауд-услуги, од мали компании до државни институции.
Ваквиот заклучок произлегува од новата одлука на австриските регулаторни власти за заштита на личните податоци, кои во граѓански спор одлучија дека посетата на веб-сајт кој користи Google Analytics, една од најкористените алатки за следење на однесувањето на посетителите на веб-сајтови, ја прекршува општата европска регулатива за заштита на податоците.
Како што пренесува бизнис магазинот Fortune, операторите на веб-сајтот во прашање ја нарушиле регулативата поради тоа што со употребата на Google Analytics тие пренеле лични податоци од посетителите до компанија во САД, во случајот Google. Тоа е проблем затоа што според друга одлука на европски суд во 2020, пренесувањето на лични податоци на компанија во САД е илегално, бидејќи таа компанија не може да ја гарантира безбедноста на тие податоци од американските разузнавачки служби.
А, причината поради која американските компании не можат да ја гарантираат таа безбедност е американскиот Закон за надзор на странско разузнавање (FISA).
Импликациите на ваквата одлука на австрискиот регулатор можат да бидат далекусежни во целата Европска Унија, па во иднина може да видиме уште еден куп вакви спорови со сличен резултат.
Доколку тоа се случи, веб-сајтовите кои оперираат во Европа ќе бидат силно обесхрабрени да продолжат да го користат Google Analytics или пак некој друг клауд-сервис со седишти во САД.