Глобалната рецесија, предизвикана од пандемија на коронавирусот, ги охрабри брендовите да станат покреативни во рекламирањето, бидејќи потрошувачите ги намалуваат трошоците.
Индустријата за козметика и парфеми троши значително помалку на традиционалните реклами, додека бара нови начини да се пробие.
Така, компанијата Есте Лаудер посочи дека ќе биде „првиот бренд за убавина што бил во вселената“. Гигантот за убавина ќе испрати производ во вселената, како начин за промовирање на својата “иновација за нега на кожата“, односно ќе ја користи Меѓународната вселенска станица како рекламен реквизит за рекламирање на новиот производ.
На прашањето колку ќе чини сето тоа, тие велат за онолку колку што плаќаат еден инфлуенсер за неколку објави на Инстаграм.
Сепак, медиумите пишуваат дека американскиот козметички гигант ќе потроши 128.000 долари за НАСА да пренесе 10 шишиња од овој серум за кожа до Меѓународната вселенска станица. Астронаутите, наводно, ќе го фотографираат производот на Есте Лаудер во контролната кула на куполата, која има панорамски поглед на вселената.
Сликите ќе се користат на социјалните мрежи, а компанијата планира со лицитација да продаде едно шише во добротворни цели, кога предметите ќе се вратат на Земјата оваа пролет.