Американскиот бренд за аудио опрема Beats by Dre го ангажираше норвешкиот фудбалер Ерлинг Халанд за заштитно лице во новата кампања на брендот, покрај кошаркарот Леброн Џејмс кој има сопственички удел во компанијата.
Во спотот насловен “The King & The Viking” („Кралот и Викингот“), гледачите можат да слушнат убедливи зборови на поддршка и охрабрување за двете ѕвезди од страна на нивните најблиски и најдраги личности. Станува очигледно дека иако Џејмс и Халанд живеат и се натпреваруваат во речиси различни светови, нивните приказни за истрајност се неверојатно слични.
Наратори во спотот се сопругата на американската кошаркарската ѕвезда, Савана Џејмс, како и таткото на младиот Норвежанец и исто така поранешен фидбалер, Алфи Халанд.
„Возбуден сум што ќе се приклучам на семејството на Beats, бренд кој долго време е дел од мојата рутина пред натпреварите“ – изјави Халанд, додавајќи: „Семејството ми е важно, а оваа кампања и партнерство навистина зборуваат за тоа.“
Кампањата доаѓа во време кога сопругата на Џејмс, Савана и децата Брајс и Жури, исто така се придружија на Beats by Dre како првото „амбасадорско семејство“ на брендот.
„Навистина е специјално да се види како ова партнерство расте со нашето семејство со текот на годините. За мене е благослов да ја споделувам сцената со нив и со бренд кој е дел од нашите животи откако го започнавме ова патешествие. Семејството ми значи сѐ!“ – истакнува Леброн Џејмс.