Поради рестрикциите кои ги наметна пандемијата, креативната конференција Adobe MAX на софтверската компанија Adobe беше целосно пренесена онлајн. Одлуката се покажа како доста успешна, така што креативните професионалци можеа да ја следат конференцијата од каде било во светот и да учат за новите креативни технологии и трендови без да купуваат скапа карта, додека пак самиот настан ја забележа најголемата бројка на учесници досега.
Но, сега, откако работите на полето на здравството малку се смирија и границите повторно се отвораат, Adobe соопшти дека овогодинешното издание на конференцијата повторно се враќа во физички форма. Нејзиното одржување е планирано за периодот од 18 до 20 октомври 2022 година, во Лос Анџелес.
Меѓутоа, успехот забележан минатите две години им покажа на Adobe дека сепак не можат целосно да ги отфрлат дигиталните онлајн сесии. Па така, овогодишното издание Adobe MAX 2022 ќе биде исто така отворено и за виртуелно присуство, но сé уште не е познато кој дел од овогодишната програма ќе биде достапен онлајн. Но, кој дел и да биде, компанијата посочува дека виртуелниот настан повторно ќе може да се следи бесплатно.
Регистрацијата на заинтересираните учесници се очекува да започне во јули, кога ќе бидат соопштени и цените за котизација.