Обединетото Кралство се подготвува да го прослави „платинумскиот јубилеј“ на својата кралица Елизабета II, по повод 70 години од нејзиното стапување на британскиот престол.
Во таа насока, весниците The Times и The Sunday Times се подготвуваат за нивното најобемно покривање на некој настан, објавувајќи колекција на ретки фотографии, постери, водич во прославите, суплементи кон весниците, комеморативни магазини и продлабочени анализи на секоја деценија од владеењето на кралицата.
Со цел промоција на специјалните изданија, тие ја ангажираа маркетинг агенцијата The&Partnership да создаде впечатлива кампања која ќе го предизвика внимението на јавноста.
Одговорот беше серија на креативни колажи кои комбинираат повеќе „Елизабети“ на различни возрасти од нејзиното владеење. Па така, на една фотографија гледаме како Елизабета од денес се ракува со Елизабета од кога стапи на престолот. Во друга слика, гледаме четири „Елизабети“ кои се возат во кралската кочија.
Сепак, највпечатливи се оние колажи во кои гледаме мноштво на „Елизабети“, на возраст од 25 до 96 години, како мавтаат од кралскиот балкон т.е. кралскиот авион.
„Нашето опширно покривање на владеењето на кралицата и прославите на платинумскиот јубилеј ќе биде најдобро и оваа визуелно неверојатна кампања брилијантно го надополнува сето тоа“, истакна Луиз Агран, маркетинг директор на The Times и The Sunday Times.