Автор: Еден креативец (името е познато на редакцијата)
(25.08.2020)
Здраво млад креативецу!
Да ти, ти што сакаш да размислуваш, ти што сакаш да ги гледаш луѓето додека купуваат, ти што го гледаш дизајнот на зградата во мало, излогот во продавница и ти што знаеш како најдобро да ги спариш твоите омилени патики или чевли. Ти што имаш идеи како да го преуредиш твојот омилен кафич. Ти што поминуваш часови слушајќи музика, а не се замараш дали тоа е популарна песна, ти што забележуваш каков часовник носи главниот актер во филмот што го гледаш. Ти што знаеш кога нешто во насловот не штима, кога бургерот би бил поубав со друг сос, ти што можеш да замислиш 10 алтернативи на една ситуација, да генерираш “филмови” – но, и да најдеш “лесни” решенија. Ти што не се задоволуваш со неоргиналност, просечност и “ќе помине” став. Ти што си позитивен, љубопитен и паметен.
Ти ни требаш НАМ во маркетинг и комуникациската индустријата!
А ние ти требаме тебе да бидеш свој!
Зошто само ако работиш маркетинг секој ден ќе учиш пред сѐ за животот, а потоа и за бизнисот. Ќе учиш за емоциите, за навиките, ќе учиш за комуникацијата. За човековото битие, за односот со другите. А кога тоа ќе го знаеш, ти можеш да работиш било што, бидејќи бизнисот го прават луѓе….а ти нив добро ќе ги запознаеш.
Да, можеби некоја ИТ компанија може да ти понуди повеќе плата за почеток, можеби сакаш само работа од 8 до 16, но ако ти се сметаш дека си креативец, дека сакаш да создаваш и иновираш, твојот почеток во кариерата мора да биде маркетинг. Никоја друга професија не ти дава поцелосен преглед на flow-то на комуникациите, на екосистемот на компаниите, на поврзувањето на производот со потрошувачот, на правењето пари. После “маркетинг” можеш да работиш било што друго во животот. А ај да те видам од програмер почни да работиш ПР ? :)
Немој да се затрчуваш да учиш само некои маркетинг вештини, демек “алатки”. Маркетинг индустријата е многу повеќе од “оптимизирање на реклами”, “google analytics” или “пишување соопштение”… Тоа е лесно и се учи за 2 недели. Тебе ти треба основата, а тоа се комуникациите, односите со луѓето, природата на човекот. Мораш да студираш маркетинг за да добиеш целосен преглед на сите сегменти. Кога велам да студираш, не мислам само на формално факултетско образование, туку мислам на самоиницијативно изучување на човековата природа, на тоа што ти креативецу го правиш кога патуваш или читаш добра книга, кога сознаваш и кога се осознаваш. Приклучи се во маркетин секторот на некоја компанија или уште подобро приклучи се на некоја маркетинг агенција. Гледај како се креираат рекламите, но почни од почеток….од разбирање на пораката што треба да ја пренесе, од стилот на комуникација, од “гласот” кој рекламата сака да го каже. Научи како се создаваат врвни бизнис стратегии, како се креираат релации врз база на заеднички вредности кои потоа самите создаваат вредност, како и зошто се избираат медиуми…и кога е повредно да се молчи, отколку да се биде гласен.
Не чекај повеќе, спреми се и јави се во некоја маркетинг агенција, кажи им дека сакаш да учиш….дека сакаш да работиш и да растеш! Ти си креативец и тебе местото треба да ти биде покрај креативци!