Автор: Борис Ефтимовски, Основач на Маркетинг365

На Маркетинг365, покрај нашите основни теми на интерес како што се креативната и комуникациската индустрија, секогаш се трудиме да ги следиме и новите теми и трендови кои понекогаш не се директно поврзани со нашиот фокус, но имаат значаен импакт и мулти-спектарски влијаат врз нив. Една таква тема е и онаа за вештачката интелигенција, која стои позади популарниот акроним AI. Оваа тема е една и веројатно единствена која во континуитет, веќе неколку години наназад, ни се наоѓа во радарот на „важни промени“ што истовремено имаат значајно влијание и врз комуникациите и врз развојот на креативната индустрија.
Подемот на вештачката интелигенција нѐ воведува во ера во која границите на човечката креативност се шират, застанувајќи пред нас, зад нас и покрај нас, предизвикувајќи ги нашите перцепции за тоа што значи да се биде креативен. Во ова време на алгоритми, јазични модели и невронски мрежи, се наоѓаме на интелектуална крстосница каде што вештачката интелигенција е истовремено и муза и машина, поттикнувајќи прашања за суштината на креативноста и уметничката слобода. Тоа се прашања за т.н. „техничко”, односно инстантно, користење на инпутите од милиони креативни мозоци со неколку добро структуирани „prompt-ови“.
Креативниот процес трпи значителна трансформација, при што вештачката интелигенција се наметнува како помошник на кој секогаш можеме да се потпреме. Спојот на човечката генијалност и машинското учење има потенцијал да го преобликува начинот на кој размислуваме за креативноста и како ние ја практикуваме. Идеи за разни содржини се генерираат од алгоритми, дизајнот и уметноста може да се автоматизираат, па дури и маркетинг кампањите имаат корист од брзата анализа на големи колични податоци. Едноставно, алатките и платформите базирани на вештачка интелигенција стануваат неопходни за креаторите кои сакаат да ја направат својата работа побрза, поедноставна и поефикасна. Впрочем, неодамна сведочевме и на неколку кампањи во реално време кои што беа генерирани од вештачката интелигенција. Тие за само неколку минути имаа спремно текст и визуелни креативи со кои одговорија на изјава/настан што се случил „пред малку“. Сега, играта, е на сосема ново ниво!
Се разбира, овие нови технолошки достигнувања не доаѓаат без свои, сопствени предизвици. Постои голема загриженост кај луѓето дека преголемото потпирање на вештачката интелигенција може да доведе до хомогенизација на креативното творештво, каде што алгоритмите им даваат поголем приоритет на популарните трендови отколку на уникатните и револуционерни идеи – она што на креативноста всушност ѝ дава општествена вредност.
Дебатата околу уметноста генерирана од вештачката интелигенција истовремено наметнува сложени етички прашања за оригиналноста, авторството и авторските права. Секако, тука се и прашањата околу наследените предрасуди кои алгоритмите ги добиваат од своите креатори и од содржините со кои тие се „хранат“.
Меѓутоа, од друга страна, интересно е што некои креатори ја користат вештачката интелигенција како муза, како почетна точка која баш поттикнува нови идеи и им дозволува на уметниците да истражуваат нови теми и да ги разгледуваат старите теми од поинаков агол.Во оваа симбиотска врска, вештачката интелигенција станува извор на инспирација, наместо ограничување.
Ова всушност ја отвора и една од најфасцинантните дискусии за иднината на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз човечката креативноста. Имено, наместо да ги замени луѓето, вештачката интелигенција има потенцијал да го засили нивниот креативен процес.
Истовремено, вештачката интелигенција ја демократизира креативноста, правејќи ги креативните алатки и процеси подостапни за поширока публика. Соединувањето на човечката визија и алатките со вештачка интелигенција е она што ќе ги поттикнува иновациите и ќе ја постави основата за достигнување на досега недостижните креативни идеи во иднината.
Од она што досега го гледаме, може да се заклучи дека иднината на креативноста во ерата на вештачката интелигенција е исполнета со возбуда и со неизвесност. Како што вештачката интелигенција продолжува да еволуира, така креативците ќе мора да се прилагодат и да најдат рамнотежа помеѓу помошта што ја нуди вештачка интелигенција и нивната индивидуална креативна слобода.
За крај, едно нешто е сигурно: односот помеѓу вештачката интелигенција и креативноста ќе продолжи да го обликува нашиот свет на начини што не сме ги замислиле и допрва ќе почнеме да ги разбираме. А ние, ние ќе бидеме тука да дадеме силен инпут во надминувањето на сите граници, во квалитетот на процесот со кој ќе создаваме #слобода… зачинета со доза на вештачка интелигенција!













