Започнува десеттото издание на фестивалот – Култиватор. Од 30-ти септември до 3-ти октомври во повеќе градски локали повторно ќе се обединат музиката, филмот и дизајнот, а Скопјани пак ќе се сретнат со најактуелните репрезентативци на креативната заедница.
Кино Карпош, БКВ и Минус Еден на почетокот на есента се традиционални дестинации за културна оддишка, уживање во филм, музика и поп ап шоуа на најсвежите македонски артисти. Култиватор секогаш се обновува, а она што годинава природно се најде „во програмата“ е запознавањето на Скопје со Бонобо, новиот локал кој ќе ги пречека сите урбани хедонисти.
Бонобо е напреден угостителски концепт кој ќе ги здружи храната и врвниот звук и на својата локација на „Железничка“ бр. 41 ќе го дигне стандардот за разгалување на сетилата. И едвај чекаме да ве пречекаме.
Најградските локали преку Култиватор низ 10-те години угостија стотици уметници и меѓу другото, отстапија простор за прикажување на филмови, музика и дизајн. А Кино, БКВ и Минус се претворија во алтернативен медиум за уметност која вообичаено не ја гледаме по кафулиња и дискотеки.
Овој оригинален пристап на урбани зони, во кои се гледаат домашни свежи филмови, се игра на супер музика и се изложува најквалитетна дизајн сцена природно прерасна во приказна, која ете, продолжува енергично да се развива.
Целата програма можете да ја разгледате во продолжение, а има и што да се види, чуе и вкуси.
Се гледаме низ град!