Одделот за истражувања на Facebook, познат како Facebook IQ, објави извештај за растечките културни трендови во 2022 година, со некои препораки за брендовите како може да одговорат на нив.
Според извешајот, последните неколку години биле навистина трансформативни, при што многу луѓе низ светот ги ре-евалуираат своите животни цели и приоритети. Со цел да се добие подобар увид и разбирање на новите културни текови, Facebook IQ анализирале преку 600,000 теми на разговор на социјалните платформи Facebook и Instagram, а истовремено анкетирале и 36,000 луѓе на шест континенти.
Целосниот извештај е достапен за слободно симнување на следниот линк, а ние во продолжение Ви ги претставуваме неговите основни заклучоци.
- Диверзификација на идентитетите
Првиот и најпопуларен културен тренд идентификуван од Facebook IQ е диверзификацијата на идентитетите. Односно, според извештајот, автентичноста и самоизразувањето се прошируваат и еволуираат, создавајќи нови и пофлуидни идентитети. Во овој процес, работите кои нé разделуваат, исто така може да нé зближат.
Тука припаѓаат „револуцијата на родовите“, „историското помирување“, „активизмот на славење различности“, „сировата автентичност“ и „ре-осмислувањето на телесните можности“.
Со цел да одговорат на овој тренд, брендовите треба да ја „слават и истакнуваат инклузивноста“. Односно, да зборуваат со луѓе чии искуства може да ги прошират нивните, сé со цел обезбедување на автентична и инклузивна репрезентација. А, бидејќи секоја промена доаѓа од „дома“, брендовите треба да се замислат дали тие култивираат радикално инклузивна култура на своите сопствени работни места.
- Ре-осмислување на врските
Вредноста на човечките врски никогаш не била поголема, но обликот на современите врски е пофлексибилен – од тоа како луѓето стапуваат во интеракција со нивните уреди, до начинот на кој тие меѓусебно се запознаваат, сакаат, влијаат и создаваат заеднички.
Во оваа културна категорија спаѓаат поткатегориите „нов технолошки еквилирбирум“, „запознавање во метаверзумот“, „нов изглед на љубовта“, „нано-заедница“ и „колективна креативност“.
Во еден ваков контекст, брендовите треба да се поврзуваат со луѓето на искуствено ниво. Односно, луѓето немаат недостаток на внимание, туку им треба добра причина зошто да го потрошат на вас. Луѓето можеби нема да паметат што сте рекле, но секогаш ќе паметат како сте предизвикале тие да се чувствуваат. Без разлика дали ќе применете некаква интерактивна анкета, реклама со изменета реалност или искуство на комплетна виртуелна реалност, брендовите треба да се забавуваат и да преземаат ризици за да поттикнат некаков емоционален одговор од својата публика.
- Поголеми очекувања
Соништата на луѓето станаа поголеми, исто како и нивните очекувања и нашите дигитални можности. Луѓето веќе редефинираат што значи успехот и како тој се постигнува. Веќе сме во фаза на ре-евалуација на традиционалното образование и на хибридната работа, додека бркаме нови кариери и земаме учество во „економијата на креатори“.
На овој културен тренд припаѓаат тематските поткатегории „алтернативно образование“, „флексибилна работа“, „дигитално претприемништво“, „кипто-инклузија“ и „култура на креатори“.
Предлогот на Facebook IQ за брендовите е: Соработувајте за успех. Ако сакате да одете брзо, одете сами. Ако сакате да одете далеку, најдете си пријател. Без разлика на вашата бизнис цел, постои голема шанска дека може подобро да ја остварите со партнер. Тоа може да биде група од различни креатори, членови на некоја недоволно застапена заедница, девелопер на изменета реалност, невладина организација, или пак друг бренс со сличен мајндсет.
- Проширување на вредностите
Она што го вреднуваме нé обликува кои сме и како се однесуваме. Следете ги тековите на одржливото живеење, глобалните вкусови, локалната заедница и тоталната благосостојба. Нашите потрошувачки навики повеќе не се исклучиво самоизразување – за многумина, тие се акт на самоодржување.
Во овој тренд спаѓаат поткатегориите „глобална страст – локална потрошувачка“, „соничен бум на аудио содржини“, „инстантно купување и брза достава“, „врвна телесна благосостојба“, како и „планетарно позитивни навики и активности“.
Препораката за брендовите е тие да се посветат на некоја општествена цел. Потрошувачите сé повеќе бараат бизниси кои се обидуваат да ги решат општествените проблеми. Адаптирањето кон културните трендови е можност, само доколку кон нив се пристапи со автентичност. Убедувањето е клучно, но, во денешно време, акцијата е сé. Со цел да се избегнат обвинувања за злоупотреба на некоја кауза, најпрво е важно да се исполнат некои активности пред тие да се рекламираат.
*************
На крај, генералната препорака на Facebook IQ до брендовите е да ги комбинираат трендовите. Односно, ниту еден тренд не постои изолирано. Со цел да се постигне максимален ефект, тие треба да се комбинираат. Можностите за нивно комбинирање се бескрајни, а иднината – ненапишана. Растете и надоградувајте!