Ексцентричниот милјардер Елон Маск објави дека договорот според кој требаше да ја купи социјалната мрежа Твитер за 44 милијарди долари е ставен во „привремено мирување“. Како причина се наведува чекањето на потврда за вистинскиот број на спам и лажни профили кои оперираат на Твитер.
Имено, според постигнатиот договор, пред купувањето да биде реализирано, Твитер требало да открие колкав број од вкупниот број на профили на платформата се всушност спам или лажни профили. Според самостојното истражување на Твитер, врз основа на репрезентативен примерок од само 100 профили, бројот на лажни и спам профили на платформата е помал од 5%.
Маѓутоа, Маск посочи дека сака да спроведе сопствено истражување, независно од она на Твитер, за да ја потврди таа бројка, и тоа со користење на ист репрезентативен примерок.
Твитер потоа објави дека откривањето на овие детали од страна на Маск се всушност прекршување на одредбите за тајност содржани во претходнопостигнатиот договор. Со тоа, целата работа е ставена во „привремено мирување“.
Според одредени мислења кои кружат во медиумите, доколку Маск покаже дека процентот на лажни и спам профили е поголем, тоа може да му даде повод за повторно преговарање и постигнување на нов договор за купување на Твитер по пониска цена од претходната.
Во претходниот месец, Твитер веќе се најде на удар на огласувачите откако јавно соопшти дека по наводна грешка го преценувал вкупниот број на корисници на платформата во последните три години.