Во пресрет на турнирот US Open, модниот бренд Lacoste му оддава признание на тениската легенда Новак Ѓоковиќ со тоа што привремено го трансформираше својот препознатлив крокодил во „јарец“. Оваа промена е симболичен гест кој го означува неговиот статус како „Greatest of All Time“ („Најдобар на сите времиња“), или скратено GOAT (во буквален превод „јарец“).
Ѓоковиќ речиси една деценија е еден од главните амбасадори на Lacoste, освојувајќи 12 од своите 24 грен-слем титули во облека на брендот. За да ги одбележи неговите достигнувања, Lacoste заедно со креативната агенција BETC Paris создадоа специјална колекција од пет модни парчиња – поло маица, маица на кратки ракави, јакна, капа и панталони – сите со уникатно лого на „јарец“.
Кампањата е проследена со впечатливи постери на кои Ѓоковиќ е прикажан на сите теренски подлоги каде има победувано: земјен, тревен, тврд и затворен терен. Lacoste дополнително ги вклучи и верните навивачи кои својот миленик одамна го нарекуваа „GOAT“, одговарајќи на нивни стари објави на социјалната мрежа X и наградувајќи ги со парчиња од колекцијата. Некои од тие фанови се појавуваат и во промотивното видео по повод кампањата.
Со 24 грен-слем титули во поединечна конкуренција, најдолг престој на врвот на светската ранг-листа и рекорди во мастерс-турнирите, наследството на Ѓоковиќ целосно ја оправдува оваа почест. Од Lacoste истакнуваат дека трансформацијата на логото симболизира издржливост, решителност и упорност – клучни вредности на еден вистински шампион.
Прославата започна во Њујорк, каде Ѓоковиќ лично ја претстави колекцијата во главната продавница на Lacoste на познатата Петта авенија. Локацијата е со историска тежина, бидејќи токму во САД, францускиот тенисер и основач на брендот, Рене Лакост, го доби својот прекар „The Crocodile“ („Крокодилот“) пред речиси еден век.