Овој пат, Lacoste донесува љубовна приказна која е помалку идеализирана од нивните претходни кампањи
Откако ја прослави својата 85-годишнина со потсетување на безвременската елеганција на стилот Lacoste со кампањата Timeless, овој француски бренд вчера ја започна својата нова кампања “Crocodile Inside“.
Смислена во креативната работилница на агенцијата BETC, кампањата го носи слоганот “Life is a Beautiful Sport“ и се состои од видео и серија на реклами за надворешно огласување, во кои ги нагласува основните вредности на брендот: упорност, слобода на умот и движење и креативност.
Новиот спот на брендот е клучен за кампањата. Како и во претходните две, спотот се врти околу еден пар. Но, овој пат љубовната приказна е помалку идеализирана и романтизирана. Напротив, спотот започнува со нивна расправија, а бидејќи нивниот дом и целата зграда се распаѓаат околу нив, тие одеднаш сфаќаат дека отишле премногу далеку и храбро скокаат назад во прегратка еден со друг.
На интензитетот и емоциите на спотот, секако, во голема мера допринесува и изборот на музичката подлога – L’Hymne à l’amour Edith Piaf.
Кампањата е лансирана низ цели свет на 19 мај, а ќе се спроведува преку ТВ, дигитални медиуми и плакати.
Комплементарно на ова видео, Lacoste откри и нов визуелен стил со три портрети кој ги направи Oliver Hadlee Pearch, а меѓу моделите се најде и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој е амбасадор на брендот од 2017 година.