Новата, долгонајавувана социјална мрежа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, позната како TRUTH Social, конечно беше официјално лансирана на 21 февруари – Ден на претседателот во САД.
Апликацијата беше поставена за симнување во продавницата за апликации на Apple, при што веднаш се издигна на првото место на најсимнувани бесплатни апликации. Поради преголемиот интерес за регистрација, голем број од заинтересираните корисници беа ставени на „листа за чекање“ додека нивните нови профили бидат процесирани.
Новата социјална мрежа изгледа многу слично на Twitter, од каде поранешниот претседател беше „баниран“. Според тимот на Трамп, новата TRUTH Social ќе биде „ослободена од политичка дискриминација“, овозможувајќи им на корисниците слободен простор за изразување на своите политички, социјални и културни ставови.
Социјалната мрежа TRUTH е првиот лансиран производ на новата компанија Trump Media & Technology Group, која исто така има изразено интерес за лансирање на видео-сервис наречен TMTG+, кој би емитувал т.н. “non-woke забавна програма“.