Експертите проценуваат дека индустријата на маркетинг со инфлуенсери до 2020 година може да достигне вредност меѓу пет и десет милијарди долари, но истражувањата покажуваат дека дури 24% од инфлуенсерите манипулираат со резултатите од кампањите, нанесувајќи им големи загуби на компаниите.
Всушност, некои инфлуенсери кои наплатуваат еден пост и до илјада долари, ангажираат ботови кои им генерираат лажни прегледи на спонзорираните содржини, па за само два долари може да се добијат дури и илјада лајкови, коментари и споделувања.
Тоа значи дека компаниите кои плаќаат илјада долари за пост, изгубиле голем дел од оваа сума. Ваквите измами станаа популарни по дигитализацијата на маркетингот со инфлуенсери, така што популарните интернет личности започнаа на големо да купуваат лажни лајкови, преку софтвери кои автоматски лајкуваат и ги споделуваат постовите на оние кои ја платиле таа услуга.
Друг начин за добивање на посакуваните лајкови е приклучување на онлајн заедниците во рамките на кои се врши размена, односно корисникот кој лајкува 250 постови на другите корисници, добива 250 лајкови за содржините кои ги пласира. Исто така постојат и “лажни следбеници”, но не е тешко да се идентификуваат кога се споредуваат активностите на профилот со бројот на следбеници. Поради ваквите измами, компаниите губат милиони долари, бидејќи инвестираат во маркетинг кампањи кои на крајот и не стигнуваат до вистинските корисници, но се` до сега, не постоеше можност да им се застане на патот.
Алатката Like-Wise, која е лансирана во јануари, може значително да влијае на оваа ситуација, бидејќи тоа е првата програма која е зајакната со вештачка интелигенција, програмирана е да ги следи активностите на профилите на инфлуенсерите и да ги препознае измамите. Така, брендовите ќе можат да проверат дали информациите за нивните производи доаѓаат до вистински корисници, или сите пари одат на бот активности.