На овој начин се проширува понудата на квалитетни пива на домашниот пазар, љубителите на пивото одново добиваат можност да уживаат во познатиот регионален пивски бренд, а Пивара Скопје ја потврдува својата лидерска позиција и посветеноста кон долгорочен развој
Пивото со најдолга традиција и препознатливост на Балканот – Лашко Златорог – станува дел од широката палета на пивски брендови на Пивара Скопје.
Лашко е легендарно пиво со повеќе од 190 годишна историја кое потекнува од Словенија. Стартот на полнењето на Лашко во Пивара Скопје се случува по повеќемесечни подготовки и тестирања за да се обезбедат сите гаранции за квалитет и да се зачува автентичноста на пивото.
“Горд сум што како Пивара Скопје сме единствените лиценцирани во Хајнекен групацијата за производство и полнење на Лашко надвор од Словенија. Тоа е уште една значајна потврда за стручноста и големото знаење на нашите пивски мајстори, за високите технолошки стандарди и квалитетот на нашите производи“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ, нагласувајќи дека „Со сите досегашни вложувања во производството на пиво, на кои се додавааат и овие најновите во производството на Лашко, Пивара Скопје ја потврдува својата долгорочна стратегија за натамошен развој на домашната пивска култура, на индустријата, како и на македонската економија во целина“.
Лешко е најсилен регионален пивски бренд. Квалитетните и природни состојки од кое се произведува му даваат на пивото специфичен вкус, добра избалансирана горчина и лесна пивливост. Тоа се дел од уникатните карактеристики по кои ова пиво е добро познато и на македонскиот пазар и според кои е прифатено особено од консументите со истенчен вкус кои преферираат пива со долга традиција и докажан квалитет.
„Пивара Скопје има навистина богато пивско портфолио. Покрај Скопско, како пивска икона во Македонија, Хајнекен како најмоќниот глобален пивски бренд, Амстел како едно од најпрепознатливите пива во светот и Горско како едно од најдостапните пива на домашниот пазар, во нашата понуда го додаваме и Лашко, како најсилен регионален бренд, направен според традиционален рецепт и докажан квалитет. На ваков начин, одново го потврдуваме нашето лидерство и огромна посветеност кон задоволување на различните вкусови на љубителите на пивото во Македонија, нудејќи им повеќе можности за задоволство“, вели комерцијалниот директор на Пивара Скопје, Родерик Росенбаум.
Благодарение на развиената дистрибутивна мрежа на Пивара Скопје, Лашко ќе биде лесно достапно до сите консументи и тоа во стаклена амбалажа од 0,33л и 0,5л, во лименка од 0,5л. и во пластична амбалажа од 1,5л.