Брендот на чипси Lay’s веќе некое време планирал на холандскиот пазар да лансира лимитирана серија на чипси со вкусот на главните оброци на познатите брендови за брза храна KFC, Pizza Hut и Subway.
Оригинално било планирано ваквите чипси да бидат сервирани во соодветните ресторани на брендовите за брза храна, но тогаш се случила пандемијата и тие биле затворени. Меѓутоа, Lay’s не се откажале целосно од својот план.
Со помош на креативната агенција Fitzroy Amsterdam, бил поставен „непостоечки“ ресторан во Амстердам, обележан со светлечки логоа на KFC, Pizza Hut и Subway, кој послужил како централна точка од која чипсовите со различни вкусови биле доставувани до заинтересираните потрошувачи.
Целата операција биле спроведена со помош на мрежата за доставување на Uber Eats (како и што би се доставувале оброците на трите брендови за брза храна), а пакувањата на чипси биле распродадени во само два дена.
За да биде сé совршено, Lay’s набавиле празни кутии од именуваните три брендови за брза храна и во нив ги спакувале чипсите со соодветни вкусови.
По успешната кампања, од брендот и агенцијата не испуштија да се пофалат: „Дури станавме првиот непостоечки ресторан со рејтинг од пет ѕвезди!“