Компанијата Колинс, која издава речник на англискиот јазик, го прогласи изразот „лажни вести“ (fake news) за израз на годината.
Овај термин, кој се состои од два збора, ќе биде вклучен во следното печатено издание на речникот.
Терминот се дефинира како „погрешна, често сензационалистичка информација, која се шири под маската на известувањето.“
Според Колинс, употребата на овој израз се зголемила за 365 пати од 2016 година, кога првпат беше употребена во контекст на вестите за Хилари Клинтон, од кои дел беа објавувани од Фејсбук корисници во Македонија.
Американскиот претседател Доналд Трамп бргу го прифати и популаризираше овој израз, обвинувајќи ги медиумите кои го критикуваат, пред се телевизијата Си-Ен-Ен, дека се „фејк њуз“. Оттогаш изразот стана препознатлива кованица на претседателот.
Според речникот Колинс, овој израз со помал интензитет се користел од почетокот на 21 век, со цел да се опишат вести кои се претерано сензационалистички, или целосно лажни, но сепак се објавуваат како легитимни.
Директорот на Колинс за јазична содржина, Хелен Њустед изјави дека терминот „лажни вести“ бил неизбежен оваа година и дека тој допринел за „поткопување на довербата на општеството во новинарското известување“.