Во 2019 година, се очекува дека на маркетинг заснован на инфлуенсери да бидат потрошени вкупно околу 8,5 милијарди долари, а вредноста на огласувањето во овој сегмент да се зголеми на 10 милијарди долари во 2020 година. Сепак, постојат и скриени трошоци за компаниите.
Истражувањето спроведено од агенцијата MediaKix наведува дека најмалку 15% од следбениците на инфлуенсерите се лажни – што значи дека инфлуенсерите директно ги лажат компаниите кои ги плаќаат. Како резултат на тоа, компаниите ќе загубат 1,3 милијарди долари до крајот на оваа година, а во 2020 година се очекува загубата да надмине 1,5 милијарди долари. Ова се однесува само на директните трошоци. Индиректните трошоци ќе бидат уште поголеми поради ерозијата на довербата во компаниите и брендовите кои што се рекламираат на овај начин.
Компаниите користат инфлуенсери како канал за едукација, градење свесност за брендот, но и за зголемување на продажбата. Притоа, бројот на следбеници на инфлуенсерите се зема како мерка за демонстрирање брз поврат на инвестициите. Истражувањата покажаа дека инфлуенсерите со голем број на следбеници се сметаат за атрактивни и поради тоа што можат лесно да креираат одредено мислење за брендот кај својата публика, а тој канал е далеку понепосреден и подостапен од класичните реклами.
Ова е причината зошто инфлуенсерите се обидуваат да соберат што е можно повеќе следбеници (како вистински, така и лажни). На крајот на краиштата, нивната заработка зависи директно од нив. Просечната цена што ја плаќаат компаниите е околу 49 долари на илјада следбеници на „Јутјуб“, 34 долари за ист број следбеници на „Фејсбук“, 16 долари за „Инстаграм“ и 15 долари за „Твитер“. Најуспешните инфлуенсери можат да достигнат и до 25.000 долари за само еден пост, но ако се земе предвид просечниот број лажни инфлуенсери, тоа значи загуба од 3.750 долари за компанијата.
Покрај лажните следбеници, трошоците за компаниите се состојат и од неактивни следбеници. На некои социјални мрежи, дури 30% од профилите можат да се прогласат за неактивни. Имајќи го ова предвид, загубата може да биде и далеку поголема. Истражувањето направено од Points North Group покажало дека инфлуенсерите кои имаат помеѓу 50.000 до 100.000 следбеници имаат во просек околу 20% лажни следбеници.