Пред четири години, САД и светот ја запознаа вистинската моќ на дезинформациите на социјалните мрежи, кога поимот лажни вести влезе во секојдневниот вокабулар – сето тоа заради тогашните претседателски избори, кои беа покриени со многу лажни вести во 2016 година.
Оваа година, САД повторно избираа претседател, а приказната со намерно пласирани дезинформации на Фејсбук се повторува. И не само што се повторува, туку лажните содржини се околу три пати почести отколку пред четири години, иако Фејсбук воведе механизми за потврда на вистинитоста на вестите кои се споделуваат на оваа социјална мрежа.
Студија креирана како дел од проектот „Digital New Deal“ покажува дека со почетокот на изборната 2020 година, дошло до забрзано креирање на лажни вести и интеракција на корисниците со нив – за разлика од 600 милиони интеракции во текот на три месеци, во моментов има повеќе од 1,8 милијарди. Бројот на оние кои се претставуваат како извори на вести, а всушност пласираат лажна содржина, не е толку зголемен колку што е зголемена нивната активност. Затоа, водечките 10 извори на лажни вести генерираат 62% од сите интеракции на корисниците со ваква содржина.
Оваа студија ги нарекува таквите извори манипулатори и покажува како порастот на нивната активност доведе до зголемено присуство на содржина која може да се нарече лажна или измамничка. Покрај изборите, главен катализатор за циркулацијата на лажни вести беше пандемијата на корона вирусот. Сепак, изборите се сметаат за поголема мамка за ваков вид содржина, затоа што фреквенцијата на лажните вести порасна повеќе во третиот отколку во првиот квартал од оваа година.
После речиси 10 години критики на негова сметка, Фејсбук воведе политика според која од својата платформа ќе ја отстрани целата содржина што го негира холокаустот. Станува збор за измена на регулативата против говорот на омраза, врз основа на која 22,5 милиони индивидуални содржини се веќе отстранети од Фејсбук во вториот квартал од оваа година.
Новата политика, која забранува антисемитски содржини, има за цел да ги едуцира корисниците и да се бори против незнаењето и активното негирање на холокаустот, а беше креирана во соработка со глобалните еврејски организации кои имаат иста цел.