Еден од најлегендарните креативци во историјата на маркетингот, Дејвид Дрога, најави повлекување од функцијата извршен директор на технолошко-креативната агенциската мрежа Accenture Song и ќе стане потпретседател на групацијата Accenture. Дрога ќе ги напушти своите секојдневни лидерски обврски за да преземе „поголема стратешка улога“ во Accenture, почнувајќи од 1 септември 2025 година.

На позицијата извршен директор во Accenture Song ќе го наследи Ндиди Отех, досегашна директорка на Accenture Song за Северна и Јужна Америка, која исто така ќе се приклучи на Глобалниот управен комитет на Accenture. Ник Лоу, досегашен креативен претседател, е исто така унапреден во креативен стратешки и искуствен директор на Accenture Song. И тој ќе се приклучи на Глобалниот управен комитет на Accenture.
Дејвид Дрога ја презеде улогата извршен директор во 2021 година кога компанијата сè уште го носеше името Accenture Interactive. Тој го предводеше ребрендирањето во Accenture Song една година подоцна, обединувајќи ги различните брендови и агенции кои Accenture ги има стекнато низ годините.
Под водството на Дрога, Accenture Song разви нов бизнис модел кој ги комбинира креативноста, технологијата, дизајнот, вештачката интелигенција, стратегијата и податоците. За време на неговиот мандат од четири години, компанијата ги зголеми приходите од 12.5 милијарди долари во 2021 година, на 19 милијарди долари во 2024 година.
Дејвид Дрога ја започна кариерата во Австралија, а потоа во 2006 година ја основаше агенцијата Droga5 во Њујорк. Агенцијата изгради глобална препознатливост и во 2019 година беше купена од страна на Accenture, претставувајќи најголемата аквизиција на групацијата дотогаш.
Дејвид Дрога важи за најнаградуваниот креативец во историјата на меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions. Тој беше исто така најмладиот добитник на „Лавот на Св. Марко“ – наградата за животно дело на фестивалот, на возраст од само 47 години.