Данскиот произведувач на играчки ЛЕГО не сака неговите пластички коцки да завршат во ѓубре и испробува начин на кој сопствениците кои не ги користат повеќе да можат да ги дадат на други деца.
Во вторникот, беше речено дека сопствениците на Лего коцки во САД можат да испечатат поштенска етикета од веб-страницата на Лего, да ги спакуваат користените коцки во кутија и да ги испратат на производителот бесплатно.
Лего рече дека тие коцки ќе бидат исчистени, спакувани во кутии и ќе им бидат дадени на непрофитната организација „Teach for America“, која ќе ги донира на училиштата низ САД.
Коцките ќе бидат испратени и во клубовите за момчиња и девојчиња во Бостон, за вон наставни програми.
Доколку биде успешна, Лего ќе ја прошири програмата и надвор од Соединетите Американски Држави следната година.
Оваа компанија обично им кажува на своите купувачи да ги чуваат коцките или да им ги дадат на другите. Но, некои побараа друг начин да ги подарат, рече Тим Брукс, потпретседател на Лего задолжен за животна средина на.
Лего, како и другите големи производители, се обидува да ги задоволи купувачите загрижени за влијанието на пластиката врз животната средина. Пластиката не се раствора, туку се распаѓа во ситни парчиња кои ги јадат птиците и другите диви животни, со што се загрозува нивното здравје.
Лего исто така работи на пронаоѓање на друг материјал за своите разнобојни коцки. Но, тоа е предизвик, вели Брукс.
Сепак, минатата година, компанијата започна со производството на „лего дрвја“ и „лего грмушки“ од шеќерна трска.
Ривалот на фирмата, Hasbro кој произведува Монопол, планира да ја елиминира употребата на пластика во амбалажата до 2022 година. И таа компанија бара материјал што ќе ја замени пластиката.