Најголемата компанија за играчки во светот LEGO соопшти дека ги заменува пластичните кеси со нови еколошки решенија, по добивањето на повеќе писмени поплаки од деца кои барале промена на пакувањата.
„Ние добивме многу писма од деца загрижени за животната средина кои бараа од нас да ги повлечеме пластичните пакувања за еднократна употреба. Веќе некое време разгледувавме можни алтернативи, а страста и идеите од децата нé инспирираа да започнеме со промени,“ посочува Нилс Кристијансен, генералниот извршен директор на LEGO Group, по повод најавените промени.
Компанијата најави дека ќе вложи 400 милиони долари за поттикнување на иницијативи за одржливост и социјална одговорност. LEGO се надева дека целосно ќе премине на еколошки пакувања до 2025 година.
Веќе стотици родители и деца тестирале 15 прототипови на пакувања кои компанијата ги создала од различни еколошки материјали, при што на децата особено им се допаднале хартиените кеси, бидејќи биле „еко-пријателски и лесни за отворање“.
LEGO исто така размислува за алтернативни материјали за идното производство на своите лего-коцки, кои традиционално се конципирани да бидат одржливи и да се пренесуваат од генерација на генерација.