Со цел одбележување на својот 90. роденден, данскиот производител на играчки LEGO лансираше нова кампања со која нè потсетува на вредноста на играта и креативноста, без разлика на возраста.
Насловен “We Are All Builders” („Сите ние сме градители“), првиот спот на кампањата нагласува како луѓето кои ја презеле врз себе улогата на инжинери и архитекти исто така некогаш биле деца, поттикнувани да ја истражуваат и прошируваат сопствената креативност. Играта и имагинацијата се форма на слобода на изразување кои, пренесени во зрелите години, им овозможуваат на луѓето подобро да ги комуницираат своите чувста и да негуваат здрави врски.
Во филмот на LEGO патуваме низ историјата на брендот, од неговите почетоци како производител на дрвени играчки, до трансформацијата во шарен и креативен комплет на играчки кој оставил своја трага во глобалната поп-култура. LEGO порасна и еволуираше во изминатите 90 години, етаблирајќи се не само како производител на забавни играчки за деца, туку и како страст што ги надминува годините.
Кампањата ќе вклучува и ангажман на повеќе креативни личности, вклучувајќи ја американската поп-пејачка Алиша Кис, која се приклучи на LEGO за да го инспирира светот да продолжи да гради и иновира. Вработените ќе добијат одмор за да прослават и да искусат како играта е императив. Во меѓувреме, продавниците на LEGO ќе бидат претворени во игротеки за деца. Ова се само дел од активносите кои ги има планирало LEGO за одбележување на својот јубилеј.
Според генералната директорка за производи и маркетинг во LEGO, Јулија Голдин, кампањата се родила како резултат на истражување кое опфатило 30 држави и вклучувало околу 55,000 деца и нивните родители. Истражувањето открило дека огромно мнозинство родители ја поддржуваат идејата за примена на играта во развојот на децата, со цел поттикнување на важни вештини како што се комуникацијата и решавањето проблеми.