Познатиот дански бренд за играчки LEGO лансираше нова кампања со која ги слави младите женски градителки по повод Меѓународниот ден на жената.
Кампањата е базирана врз старата принт-кампања “What it is is beautiful“, која LEGO првично ја објави во 1981 година, а прикажува млади девојчиња кои гордо ги презентираат своите градителски креации со лего-коцки.
Новата кампања, насловена “Future Builders” („Идни градителки“), го следи истиот концепт, поканувајќи ги младите фанови да станат дел од неа. Имено, компанијата ги охрабрува родителите да поднесат фотографии од нивните деца како ги држат своите омилени лего-конструкции. За тоа е создаден специјален оддел на нивниот веб-сајт преку кој се генерира уникатен постер со прикачената фотографија, која потоа се испраќа преку електронска пошта до учесниците.
„Кампањата е дизајнирана да ги охрабри и поддржи денешните млади жени на нивниот пат да станат носители на одлуки, личности на кои може да се угледуваме и менувачи на иднината – без разлика кои се нивните интереси, страсти или кариерни аспирации“, стои на веб-сајтот на LEGO.
„Славењето на луѓето помага во нивното зајакнувањето, и преку оваа кампања, ние, заедно со помошта на родителите и старателите, сакаме да ги прославиме вештините и креативниот потенцијал на денешните млади жени – следната генерација на восхитувачки женски лидери!”, истакнува Јулија Голдин, глобален директор за производи и маркетинг на LEGO Group.