Телекомуникацискиот гигант Deutsche Telekom ја лансираше својата нова летна кампања за европскиот пазар насловена “Summer of Joy, Youth, Freedom” („Лето на радоста, младоста и слободата“). Таа претставува најновото продолжение на повеќегодишната платформа на брендот насочена кон младата Генерација Z, која што се реализира во соработка со креативната агенција Saatchi & Saatchi.
Во услови на големи економски, еколошки и општествени притисоци врз младите луѓе, кампањата ја продолжува континуираната посветеност на брендот кон поддршката и поврзувањето на помладата генерација. Признавајќи дека модерниот живот ја спречува Генерацијата Z да ги има радосните, забавни и безгрижни искуства што традиционално им се овозможуваат на младите луѓе, новата кампања е дигитално фокусирана и дизајнирана да ја поврзе Генерацијата Z со суштината на младинската култура – реалните музички искуства.
Социјално фокусираната кампања е свесно креирана од припадници на Генерацијата Z за припадници на Генерацијата Z. Инспирирана од цитатот „Јас сум младост, јас сум радост, јас сум слобода“ од романите за Петар Пан на Џејмс М. Бари, кампањата ја реосмислува класичната приказна на младоста за една сосема нова генерација.
Централниот спот на кампањата е снимен во стил на музички спот, а започнува со четири млади луѓе – Питер, Венди, Џон и Мајкл – кои го живеат своето секојдневие, одат на работа и се грижат за своите блиски. Истакнувајќи ја поврзаноста што ја нуди Deutsche Telekom, на еден од нивните телефони се појавува порака – „NVR вечерва?“ – пред нашите протагонисти да тргнат на скриена забава во некоја шума, во стилот на Неверланд, која трае до доцна во ноќта. На крајот од филмот, ја гледаме Венди како се буди по забавната ноќ и посегнува по телефонот, додека завршната порака нè потсетува: „Не можеш да пораснеш ако никогаш не си бил млад“.
Со цел создавање на спотот, Deutsche Telekom се здружиле со музичкиот продуцент DJ Jayda G и режисерското дуо BRTHR. Краткиот филм исто така ќе биде проследен со голем број содржини на социјалните мрежи, создадени во соработка со млади креатори, а приспособени за платформите TikTok, Instagram, Spotify, Twitch и Snapchat.
Како дел од интегрираната кампања, компанијата исто така им нуди на младите луѓе илјадници бесплатни музички искуства низ Европа. Тие ќе вклучуваат пристап до голем број ексклузивни концерти со мала публика и поп-ап настани создадени од Telekom Electronic Beats, наградуваната меѓународна програма за музички маркетинг на Deutsche Telekom, како и можност за освојување билети за некои од најдобрите европски фестивали, вклучувајќи ги INOTA Festival (Унгарија), Colours of Ostrava (Чешка), Electric Castle (Романија), како и Ohrid Calling во Македонија.