Следната година, од 26 до 29 март 2026 година, во хотелот „Хилтон“ во Подгорица ќе се одржи 23-то издание на Меѓународната PRO PR конференција, водечкиот регионален собир за лидери во комуникацијата со фокус на односите со јавноста.
Тридневната програма на конференцијата традиционално ќе вклучува предавачи од земјата-домаќин и ценети имиња од меѓународната сцена. Своето учество веќе го потврдија Семјуел Хит, директор за комуникации при Интерпол; Гасан Кариан, претседател на Ipsos Karian and Box; Роберт Вестер, директор за комуникации на градот Хаг; и Тина Ципот, експерт за комуникации и раководител на корпоративни операции во o28 Communication Group.
Од оваа година, организаторите на конференцијата – агенцијата Apriori World – воведуваат и PRO PR Talk, програмски сегмент во кој се интервјуираат лидери во комуникациите. Се очекува конференцијата да ја отвори претседателот на Црна Гора, г. Јаков Милатовиќ, кој исто така ќе учествува во PRO PR Talk. Учесниците ќе имаат можност да чујат каков поглед кон односите со јавноста има претседателот на Црна Гора.
„PRO PR конференцијата е основана во Црна Гора, во Херцег Нови во 2003 година, а потоа двапати беше одржана во Будва. Оваа година решивме повторно да ја организираме во Подгорица. Подгорица не е само главен град на Црна Гора, туку во неа живее и најголемиот број стручњаци за односи со јавноста во државата. На сите нив сакаме да им пружиме поддршка преку нови знаења, бидејќи не секој има можност да патува низ светот, да слуша меѓународни експерти и да ги следи актуелните трендови“ – посочуваат организаторите.
Конференциската програма и оваа година ќе отвори бројни прашања и дискусии за предизвиците во комуникациската индустрија. Планирани се 15 предавања и две панел-дискусии, а во рамките на конференцијата ќе бидат доделени и вредните меѓународни признанија „PRO PR Globe People Achievement Awards“.
Конференцијата е позната по тоа што е единствена во светот која ја поддржуваат и светските здруженија: Здружението за односи со јавноста и комуникации (Public Relations and Communications Association – PRCA), Меѓународното здружение за односи со јавноста (International Public Relations Association – IPRA) и Global Alliance, чиј претставник се очекува како говорник оваа година.
Подготовката на програмата е во тек, а регистрацијата на учесници официјално ќе започне на 25 ноември 2025 година.