За оние кои не се сеќаваат, во првата деценија на 21 век, LimeWire беше една од најпопуларните веб-платформи за бесплатно споделување на фајлови, особено музика. Меѓутоа, како што борбата со пиратеријата се засили, така и LimeWire престана со работа во 2010 година.
Меѓутоа, минатата година, двајца браќа од Австрија ја откупиле интелектуалната сопственост на LimeWire и сега планираат повторно да го лансираат сајтот, но овој пат како пазар за NFT (non-fungible tokens).
Новите сопственици Џулијан и Пол Зехетмајер планираат LimeWire да започне со работа во мај, при што го замислуваат како место каде што корисниците ќе може да купуваат и продаваат „ретки работи“, како лимитирани едиции на песни, необјавени демо снимки и дигитални сувенири.
Дел од планот е трговијата со NFT да се доближи до секојдневниот потрошувач. Така, наместо цена изразена во крипто валути, цената на „производите“ на LimeWire ќе биде изразена во долари, при што корисниците ќе може да купуваат токени и со помош на кредитни картички, покрај крипто валути.
Новите сопственици на LimeWire исто така планираат да издадат сопствен токен во неделите што следуваат, кој ќе функционира како „програма за лојалност“ за корисниците на платформата.