Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси го претстави својот прв парфем, соодветно именуван како „Messi Eau de Parfum“, создаден да ја одразува неговата личност како светски шампион, посветен татко и модерен џентлмен.
По цена од 76 долари за 100 милилитри производ, парфемот ветува рамнотежа помеѓу заживувачка свежина и длабока топлина, како рефлексија на повеќедимензионалната природа на самата фудбалска ѕвезда.
Мирисот се отвора со заживувачка мешавина на свеж кардамон од Централна Америка, листови од јаболка и див чемпрес од Европа. Овие ноти се дизајнирани да предизвикаат чувство на виталност и динамично присуство, слично како наелектризираните изведби на Меси на фудбалските терени.
Како што се развива мирисот, почнува да се насетува корен од ирис и лаванда од Франција, надополнети со суптилни кожни ноти. Оваа комбинација има за цел да ја пренесе софистицираноста и елеганцијата на вистински џентлмен, можеби одразувајќи го однесувањето на Меси надвор од терените.
Основните ноти ги спојуваат елементите на кедрово дрво од Вирџинија, ванила од Африка и пачули од Индонезија. Ваквата глобално разнолика основа има за цел да остави траен впечаток, слично како влијанието на Меси врз прекрасната игра.
Шишенцето на парфемот исто така ја рефлектира повеќеслојната природа на неговиот патрон, со остри рабови кои ја фаќаат и рефлектираат светлината од секој агол. Обликувано да асоцира на препознатливото лого на Меси, сининото стаклено шишенце нуди динамичен изглед, така што секој агол открива нов детал. Се разбира, дизајнот ја отсликува и суштината на самиот мирис, поттикнувајќи ги носителите да ја истражат неговата длабочина и да ги откријат слоевите под површината.
„Отсекогаш сум бил страствен за парфемите и многу сум возбуден што ќе го создадам мојот сопствен мирис. Се работи за навистина уникатен и инспиративен парфем, во персонализирано шишенце, за сите фанови ширум светот“ – посочува Меси по повод лансирањето на новиот брендиран производ.