Популарниот бренд на чипс Lay’s ја ангажираше аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси за да ја реинтерпретира навивачката мелодија “Olé, Olé, Olé” во нова кампања за американскиот пазар.
Новата песна во верзија “Oh-Lay’s, Oh-Lay’s, Oh-Lay’s” започнува во соблекувалната со Меси и неговите соиграчи, а продолжува на фудбалскиот терен во придружба на публиката на трибините и луѓето пред малите екрани во удобноста на своите домови.
Целта, според брендот, е да се разгори возбудата меѓу навивачите како што фудбалската сезона се ближи кон својата кулминација. Кампањата ќе биде придружена со наградна игра во која учесниците ќе можат да освојуваат пакетчиња чипс во форма на фудбалска топка, додека пак главната награда ќе биде фудбалски дрес во боите на Lay’s и со потпис на самиот Лионел Меси.
Кампањата е создадена од страна на D3, внатрешниот креативен оддел на PepsiCo – матичната компанија на брендот Lay’s.