Брендот за прехрамбени производи и пијалоци со спортски предзнак, Gatorade (во сопственост на PepsiCo), лансираше нова мотивирачка меѓународна кампања за 2021 година насловена „The Greatest Never Settle“ („Најголемите никогаш не се помируваат/смируваат“).
Главни ѕвезди во централната реклама на кампањата се врвни и светски-препознатливи спортисти, како аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, американската тенисерка Серена Вилијамс и бразилскиот фудбалер Габриел Жезус. Рекламата претставува колаж на снимки од некои од нивните најиконични моменти на спортски план, како и наменски снимки во кои тие го консумираат спортскиот пијалак на Gatorade.
Кампањата има за цел да ги мотивира денешните спортисти и да ги охрабри во верувањето дека без разлика колку се добри денес, тие секогаш го имаат потенцијалот да бидат уште подобри утре, а помирувањето со моменталната ситуација никогаш не може да биде опција на патот до Големината.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција TBWA\Neboko од Холандија и продукциската куќа Hound Content од САД.