Американскиот бренд на вода во лименка, Liquid Death, кој стана препознатлив по својот „откачен“ и „контроверзен“ маркетинг, одлучи да им одговори на нивните „хејтери“ со диско песни!
Инспирирани од „вистинската страст“ и „автентичните гласови“ на оние кои јавно на интернет го изразиле своето незадоволство од брендот, креативниот тим на компанијата решил да состави албум со десет диско „хитови“ чии наслови и стихови се директно преземени од коментарите на „хејтерите“.
Албумот насловен “Greatest Hates” („Најголеми изрази на омраза“), како игра на зборови на вообичаената фраза “Greatest Hits” („Најголеми хитови“), е достапен за слушање преку стриминг-платформата Spotify, односно достапен за нарачка како винил плоча преку официјалниот веб-сајт на Liquid Death.
Од брендот исто така објавија две видеа со цел промоција на албумот, од кои едното претставува преглед на содржината што ги очекува фановите:
Додека, пак, другото видео претставува музички спот во кој група на пуританци палат лименка Liquid Death на клада, како да се работи за вештерка, а притоа танцуваат на една од диско песните што се најдоа на албумот:
Кампањата претставува интересен пример на субверзија, односно начин како да се претворат негативните коментари во хумористична содржина која несомнено ќе им се допадне на лојалните фанови на брендот. Едноставно, не можеш да им се допаднеш на сите… :)