Еден од водечките светски брендови за козметички производи L’Oreal и агенцијата McCann Дизелдорф испратија визуелно инвентивна порака до водечките бизнисмени во светот да вработуваат повеќе жени.
Брендот се фокусираше на статистички заклучоци добиени од повеќе меѓунардни истражувања за придонесот на женското водство во подобрувањето на профитабилноста, иновативноста и задоволството на вработените во бизнис секторот.
Меѓутоа, она што ја прави оваа кампања поразлична од другите е тоа што сите статистики се презентирани преку графикони кои се изработени од козметички производи. На овој начин, кампањата истовремено ги презентира придобивките од женското водство во бизнисот и самите производи на брендот.
Имајќи ја во предвид природата на кампањата, графиконите се најдоа и во публикации за бизнис и во публикации за мода и убавина.
Сепак, мора да се истакне дека меѓу деветте лица кои се потпишани како дел од креативниот тим позади кампањата нема ниту една жена.