Додека другите брендови се обидуваат да создадат што е можно покомплексна и посеопфатна кампања по повод Светското фудбалско првенство, луксузниот француски моден бренд Louis Vuitton одлучи да објави само една фотографија. Но, со неа, брендот успеа да направи нешто што никому претходно не му успеало – да ги вклучи двете најголеми фудбалските ѕвезди во светот, Кристијано Роналдо и Лионел Меси, во една иста комерцијална кампањата.
Имено, францускиот бренд со помош на познатата американска фотографка Ани Лејбовиц направи фотографија од двата најдобри фудбалери на 21 век како играат шах! На фотографијата ги гледаме двајцата фудбалери како замислено гледаат фигурите поставени на куфер од Louis Vuitton со дезен на шаховска табла.
Поставеноста на фигурите наводно била вистинска, односно двајцата фудбалери навистина изиграле партија шах – иако не знаеме кој победил. И Роналдо и Меси на своите профили на социјалните медиуми ја објавија фотографијата со ист опис: „Победата е состојба на умот. Долга традиција на изработка на куфери фотографирана од Ани Лејбовиц за Луј Витон“.
Иако фотографијата претставува прво заедничко комерцијално искуство за Меси и Роналдо, концептот не е ништо нов за Louis Vuitton и Ани Лејбовиц. Имено, креативниот пар на бренд и фотограф направија нешто слично пред десетина години, кога во иста фотографија ги вклучија фудбалските легенди Пеле, Марадона и Зидан, како играат „фудбалче“.