Британската медиумска групација The Economist Group соопшти дека го назначила Лук Бредли-Џонс за нов претседател и управен директор на меѓународниот бизнис магазин The Economist.
Лук Бредли-Џонс е искусен лидер во сферата на медиумите и дигиталниот сектор со докажана историја на лансирање и развој на нови производи. Во моментот ја извршува функцијата на генерален извршен директор на Disney+ за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка. Претходно работел во британската телекомуникациска групација Sky, а пред тоа во BBC Worldwide.
Како претседател и управен директор на Economist, Бредли-Џонс ќе има задача да ја забрза дигиталната еволуција на магазинот. Неговото седиште ќе биде во Лондон, но исто така ќе има и значително присуство во канцеларијата на Economist во Њујорк. Со работа на новата функција ќе започне ова лето.
The Economist Group исто така го соопшти назначувањето на Леон Сондерс Калверт како претседател и управен директор на нивниот оддел за истражувања и анализа на податоци Economist Intelligence. Претходно работел во компанијата за финансиски технологии ESG Book, а пред тоа поминал 15 години во Лондонската берза.
Двајцата нови директори за својата работа директно ќе известуваат до генералната извршна директорка на The Economist Group, Лара Боро.