M3 Communications Group беше прогласена за ПР агенција за 2017 година во Бугарија на овогодинешното издание на BAPRA Bright Awards, во организација на Бугарската асоцијација на ПР агенции (БАПРА). Ова е најпрестижната награда на натпреварот, која се доделува за најмногу реализирани успешни проекти и кампањи во изминатата година. M3 Communications Group доби 8 награди, од кои три златни, три сребрени и две бронзени, за реализираните комуникациските кампањи за BILLA Бугарија, L’Oreal, Wizz Air, Асоцијацијата на почесни конзули во Бугарија и Алтерко.
На второто место во категоријата „Агенција на годината“ се најде All Channels Communication со вкупно шест награди, додека пак на трето место заврши агенцијата APRA Porter Novelli.
На конкурсот за BAPRA Bright Awards оваа година беа пријавени вкупно 140 ПР кампањи, поделени во 13 категории. Традиционално, пријавените кампањи беа оценувани само од меѓународно жири на комуникациски професионалци. По втор пат на BAPRA Bright Awards се најде и специјалната категорија „Студентски проект“, во која учесниците мораа да се претстават со проекти на тема „Имиџ ПР кампања на вашиот универзитет“. Агенцијата United Partners беше наградена со специјална награда за придонес кон индустријата за одржувањето на заеднички хакатон со БАПРА под мотото „Хакни ги лажните вести“.
Од септември оваа година БАПРА ќе има и нов претседател, по истекувањето на мандатот на актуелниот претседател Катја Димитрова, основач и сопственик на ПР агенцијата „Интеримидж“. Функцијата ќе ја преземе Марија Гергова-Бенгтсон, основач и сопственик на агенцијата United Partners.