Престижниот интернационален финансиски магазин „Еurоmoney“ ја награди Охридска банка Сосиете Женерал со наградата „Најдобра банка во Македонија за 2016 година“.
„Наградата од „Еurоmoney“ е значајно признание за нашата секојдневна работа посветена на најдоброто, производите и на услугите што им ги нудиме на нашите клиенти, финансиската стабилност, профитабилноста, ликвидноста и солвентноста на пазарот на којшто работиме. Оваа награда им ја посветуваме на сите наши клиенти кои континуирано ни ја даваат својата доверба и поддршка, што за нас претставува мотив да продолжиме во истата насока”, изјавува Бранка Павловиќ, претседател на Управниот одбор на Охридска банка Сосиете Женерал.
„Euromoney“ претставува водечки авторитет на светските банкарски пазари. Тој преку својот единствен и уникатен пристап до најважните и највлијателните финансиски анализи обезбедува досега несоборливи инпути и информации до луѓето и деловните субјекти, кои го предводат развојот на финансиските пазари.
Пристапот преку кој новинарскиот тим на „Еurоmoney“ ги дефинира постулатите на успех во банкарскиот сектор е основната платформа за доделување на наградите за најдобра банка, покривајќи преку 100 земји насекаде низ светот, со што воедно претставува и најчесто користена референтна основа за оцена на постигнатите деловни успеси во полето на банкарското работење. Повеќе од 50.000 банкарски клиенти годишно активно учествуваат во барем едно од многуте истражувања што „Еurоmoney“ ги прави на полето на девизните пазари и размена, приватното банкарство и во управувањето на готовинските текови, а кои според квалитетот и објавените резултати се препознаени и признати како најважни и најреферентни во целокупниот банкарски сектор.
Ова е втора награда којашто е доделена на Охридска банка Сосиете Женерал од страна на „Еurоmoney“ во оваа категорија. Првата ваква реномирана награда Охридска банка Сосиете Женерал ја добива во 2010 година, кога за првпат е прогласена за најдобра банка во Македонија.