Американскиот адвертајзинг магазин AdAge ја објави својата листа на Топ 10 најдобри огласувачи во текот на 2022 година. Листата била составена од тимот на новинари и уредници на AdAge, а базирана на фактори кои вклучуваат деловни резултати поттикнати од „пробивно огласување и паметно стратешко размислување“.
Во година одбележана со економска несигурност, брендовите со најдобри перформанси мирно се соочиле со предизвиците, па дури и напредувале независно од растечката инфлацијата и падовите во потрошувачкото трошење. Според магазинот, листата ги истакнува оние огласувачи кои се искачиле на врвот, нудејќи маркетиншки лекции за градење на потрошувачка лојалност и пробивање во популарната култура на овие немирни времиња.
На врвот од листата се наоѓа ланецот на хипермаркети и стоковни куќи Walmart, кој ја победил конкуренцијата преку „немилосрден“ маркетинг и трговски иновации. Веднаш зад него се наоѓа брендот за брза храна McDonald’s, кој одржал лекција како да се одржува релевантноста во популарната култура.
На трето место следува платежниот бренд Mastercard, кој успешно покажал како звукот, вкусот и мирисот можат да бидат витален дел од маркетиншкиот микс. Четвртото место на листата му припадна на сервисот за сместување Airbnb, кој еволуирал во прв чекор при планирањето на секое патување.
На петтата позиција се најде авио-превозникот United Airlines, кој покажал дека меркетингот насочен кон некаква општествена кауза може да биде многу повеќе од само збор кој добро звучи. Шестата позиција на листата му беше доделена на социјалната мрежа TikTok, која набрзо прерасна во движечка сила на популарната култура.
Седмото место му припадна на американската пејачка и раперка Lizzo, за нејзината растечка популарност и успешно навигирање низ музичката индустрија. Осмото место беше доделено на брендот вода Liquid Death, чие неортодоксно брендирање претставува инспирација за агенциите и огласувачите.
Листата ја комплетираат помалку познатиот бренд за спортска опрема Pickleball и спортска облека Vuori, кои се најдоа на деветтото и десеттото место, соодветно. Нивниот успех се должи на способноста да ги привлечат потрошувачите, но и другите брендови, оформувајќи посветена заедница околу нивниот бренд.