Ланецот на супермаркети Lidl ја лансираше својата нова празнична кампања за британскиот пазар, насловена „A Magical Christmas“ („Магичен Божиќ“).
Главен протагонист на кампања е сладок анимиран ракун кој набљудува едно човечко семејство како го украсува својот дом во пресрет на празниците, мечтаејќи за сопствено друштво со кое ќе го одбележи овој Божиќ.
Во еден случај, додека мајката се враќа од пазарење во Lidl, од торбата ѝ паѓа играчка што ја купила за својот син. Сето тоа го забележува ракунот, кој си поставува мисија да ја врати играчката онаму каде што треба.
Последната препрека е домашното куче, кое иако првично има непријателски однос кон ракунот, на крајот сфаќа што се случило. Спотот завршува со радосна сцена на семејна гозба во домот и паралелна гозба на ракунот и кучето во семејниот двор.
Кампањата е проследена со повик за „споделување на магијата“ преку донирање на играчки кои потоа ќе им бидат разделени на деца од социјално загрозени семејства.
Божиќната кампања на Lidl се реализира во соработка со креативната агенција Coolr.