Глобалниот бренд на безалкохолни пијалоци Coca-Cola ја претстави својата нова кампања за претстојните Олимписки игри во Париз, насловена “It’s Magic When the World Comes Together” („Магија е кога ќе се здружи светот“).
Кампањата се заснова на верувањето дека моментите на заедништво, како прегратките споделени меѓу спортистите, можат да бидат исклучително моќни.
Па така, во централниот спот на кампањата, ја гледаме пливачката шампионка Татјана Шенмејкер како ги прегрнува своите конкуренти Лили Кинг, Кејлин Корбет и Ени Лазор, повторувајќи ги емоционалните врски формирани за време на претходните Олимписките игри во Токио. Нивниот емоционален момент потоа предизвикува бран на заедништво, инспирирајќи ги гледачите во Париз и ширум светот да се прегрнат едни со други.
Кампањата нагласува дека, покрај натпреварувачкиот дел, Олимписките игри претставуваат глобална прослава на солидарноста, меѓусебното почитување и моќта на споделените искуства. Брендот Coca-Cola е спонзор на Олимписките игри веќе 96 години.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Ogilvy.