Според истражувањето за состојбата, развојот и предизвиците на дигиталниот глобален пазар во третиот кваратал на 2018 година, споведено од организациите Kepios, Hootsuite и We Are Social, бројот на кликови на реклами на Фејсбук се намалил за 20% во изминатите три месеци, односно од средна вредноста на 10 кликови во Април оваа година, на 8 кликови во овој месец, што почна по малку да ги загрижува маркетерите.
Сепак, овие бројки се преведуваат во вкупно милијарди кликови секој месец, така што Фејсбук адвертајзингот се’ уште нуди голем потенцијал за маркетерите кои ја разбираат публиката на својот бренд.
Истражувањето покажало дека жените почесто кликаат на Фејсбук реклами во однос мажите, односно дека жените просечни кликаат на 10 Фејсбук реклами секој месец, додека пак таа бројка кај машката популација изнесува 7 Фесјбук реклами месечно. Но, треба да се има во предвид и дека жените се помалку присутни на Фејсбук, односно 43% од вкупниот број на Фејсбук корисници се жени, во споредба со 57% на мажи.
Кога е во прашање возраста, истражувањето покажало дека корисниците на возраст помеѓу 35 и 54 години се најмногу склони да кликаат на реклами на Фејсбук, додека пак лицата до 24 и над 65 години – најмалку. Овие информации соодветствуваат и за машкиот и за женскиот дел од корисниците.
Средната вредност на кликови на Фејсбук реклами се разликува од држава до држава, но сепак може да се извлечат некои заклучоци, како тоа дека корисниците од Африка и државите во развој во Азија кликаат многу помалку на реклами во споредба со глобалниот просек. Меѓутоа, прашање е дали тоа се должи на индивидуалната перцепција на корисниците или едноставно компаниите од овие региони помалку ја користат опцијата за рекламирање на Фејсбук.
Жителите на Фарските острови се покажаа како најголеми „кликачи“ на Фејсбук реклами во светот, со средна вредност од 24 кликови на реклами месечно.
Интересно е да се забележи дека Македонците се наоѓаат на осмото место по кликови на Фејсбук реклами во светот, со средна вредност од 18 кликнати реклами месечно.
Од регионот, пред нас се Хрватска, која го дели третото место со Исланд со средна вредност од 21 кликови на Фејсбук реклами месечно, Косово на петтото место со по 20 кликови месечно, додека пак жителите на Босна и Херцеговина кликаат исто колку и нас – 18 кликови на Фејсбук реклами месечно. Жителите на Бугарија се веданаш зад нас, со средна вредност од 17 кликови на Фејсбук реклами секој месец.