Раст на вредноста на остварени трансакции преку персонален комјутер, но само 19,3% од 72% интернет корисници нарачале/купиле стоки или услуги на интернет во 2015 година – покажува анализата за состојбата на е-трговијата во Македонија на Д-р Нина Ангеловска, основач на сервисот за групно купување и лидер во е-трговијата во Македонија – Grouper.mk.
Пазарот на е-трговијата во Република Македонија бележи континуиран подем и раст особено од 2011 година. Значаен удел во развојот на е-трговијата имаа сајтовите за групно купување, а особено Grouper кој започна со работа во Јануари 2011 година. Grouper даде поттик за граѓаните да го направат своето прво купување онлајн преку атрактивните понуди со големи попусти и придонесе кон едукација за онлајн купување на корисниците од една страна и вклучување на голем број компании во е-трговијата, од друга страна. Денес Grouper брои веќе над 130.000 корисници, а корисниците го користат и како водич за откривање на нови места, организирање патувања или едноставно наоѓање на посакуваниот производ.
Растот на е-трговијата во Република Македонија до скоро го следевме преку остварените трансакции преку персонален комјутер кои ги објавува Народната банка. Најголема стапка на годишен раст во остварената вредност на трансакциите преку персонален компјутер се забележува во 2014 година споредено со 2013 година односно над 350%, што сметам дека не е реален пораст на пазарот на онлајн купување односно во голема мера се должи на лансираните кампањи за стимулирање на онлајн плаќање на сметки за телефон, вода, струја и др. Во 2015 година, споредено со 2014 година забележан е пораст од 61% во остварената вредност на трансакции преку персонален комјутер .
Извор: Народна банка на Р. Македонија
Има бројни фактори кои влијаат на развојот на е-трговијата како што се: наклонетост на населението кон готовински плаќања, политичките и економските фактори, брзината на адаптирање и прифаќање на нови технологии и трендови, компјутерска писменост на населението и др. Секако еден од предусловите за е-трговијата е интернет пенетрацијата. Според Државниот завод за статистика во првото тримесечје од 2016 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 72%, а 61% го користеле секој ден или речиси секој ден. Сепак само 19.3% од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, додека две-третини од интернет корисниците во ЕУ купуваат онлајн (Eurostat, 2016). Сметам дека имаме уште долг пат за да се приближиме кон развиените земји, како од аспект на страната на е-трговците, засегнатите институции и банките така и од аспект на крајните корисници.
Промени во методологијата од страна на Народната Банка кои отвараат нови можности за анализа на пазарот на е-трговијата
Согледувајќи ги потребите за анализа на растечкиот пазар на е-трговијата, Народната Банка на РМ во Април 2016 година, донесе одлука за промена на методологијата за прибирање на податоците за платните системи која во значаен дел е прилагодена на стандардите на Европската Централна Банка. Со новата статистика се отвори можноста за креирање на подетална анализа на состојбата на е-трговијата во Република Македонија и тоа пред се во поглед на тоа колку македонците купувале онлајн кон домашни трговци, колку нерезиденти купувале од македонски оналјн продавници и колку македонците купувале онлајн од трговци надвор од земјава. Во новиот извештај за Платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот подетално се содржани следните типови на трансакции:
- трансакции на уредите во земјата со картички издадени во земјата;
- трансакции на уредите во земјата со картички издадени надвор од земјата;
- трансакции на уредите надвор од земјата, со картички издадени во земјата.
Според досегашните објавени податоци од НБРМ заклучно со Септември 2016 година остварената вредност на транскации преку персонален комјутер во првите 3 квартали од оваа година е за 32% поголема од остварената во истиот период минатата година. Притоа значителен пораст од над 50% се забележува во јануари, и летните месеци: јуни, јули и август.
Извор: Народна банка на Р. Македонија
Колку македонците купувале онлајн од домашни онлајн продавници, а колку од странски?
Македонците потрошиле значително повеќе средства за купување онлaјн од странски трговци отколку од домашни трговци. Ако се земе предвид дека понудата од домашните онлајн трговци е се’ уште мала и уште повеќе ако се земе предвид глобализацијата и можноста за купување од странски трговци каде понудата е многу конкурентна истото е логично.
Извор: Народна банка на Р. Македонија
Во периодот јан-септ 2016 година од вкупно 63 милиони евра вредност на трансакции направени со картички издадени од домашни банки, 72.7% е вредност од направени трансакции со домашни картички кон странски трговци или 45.8 милиони евра, додека 18.9 милиони евра биле потрошени за купувања направени кај домашните онлајн трговци.
Колку домашните трговци привлекле купувања од странци?
Во периодот јан-септ 2016 година, 8% просечно месечно од вкупната вредност на трансакции остварена на домашните трговци преку виртуелен пос терминал (онлајн) е направена како разултат на купувања од нерезиденти или вкупно 1.4 милиони евра.
Правните лица повеќе купуваат од домашни трговци
Според тоа дали се работи за трансакции од физички или правни лица доминираат физичките лица и во двата случаи (кон домашни и кон странски трговци) со учество од 76% во странските плаќања и 82% учество на физичките лица во трансакциите кон домашни трговци.
Кога зборуваме за трансакции направени од домашни картички кон домашни трговци разликата помеѓу физичките и правните лица не е драстично различна како што е случај со направените трансакции кон странски трговци, односно правните лица учествувале само со околу 6,5% просечно месечно во првите 9 месеци од 2016 година во вкупно направените трансакции кон странски трговци.
Извор: Народна банка на Р. Македонија
Во однос на бројот на направени трансакции, домашните трговци учествуваат со 45%, додека 55% се трансакции кон странски онлајн продавници.
Извор: Народна банка на Р. Македонија
Колкава е просечната вредност на една трансакција?
Според графиците прикажани за направените трансакции и потрошената вредност од домашни картички кон домашни и странски трговци се наведува прашањто за тоа дали многу повеќе вредела една трансакција кон странските трговци? Просечно една трансакција направена од домашни картички во периодот јан-сеп. 2016 година изнесувала околу 1650 денари. Притоа кон странските трговци просечната трансакција вредела 2190 денари, додека кон домашните само околу 980 денари.
Постојат 669 регистрирани интернет-продажни места на пазарот!
До пред промената на метдологијата на НБРМ и објавување на новиот извештај за период јан-септ 2016 година не постоеше официјален податок за тоа колку онлајн продавници постојат во земјава. Уште една добра вест е дека од сега ќе го имаме овој податок на располагање и ќе може да го следиме прогресот. Во јануари оваа година имало 585 интернет-продажни места, додека во септември оваа бројка пораснала на 669 онлајн продавници. Сепак прашањето дали сите овие трговци се активни или пак се работи за вкупна бројка на регистрирани виртуелни продажни места останува отворено.
Автор: Д-р Нина Ангеловска, основач на сервисот за групно купување и лидер во е-трговијата во Македонија – Grouper.mk.